До редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, граѓанскиот новинар Влатко Мишевски испрати фотографии од ОХИС.
Овие денови кога, загадувањето на воздухот во Скопје ги надминува светските рекорди, и покрај официјалните информации дека оваа фабрика со години не е во функција, во неа сепак се случуваат некакви активности.
Фотографиите сведочат дека внатре во зградата на ОХИС нешто се гори.
„Во фабриката веќе со месеци наназад има активности. Внатре се работи и се растура, се сече железо и кој знае што се гори. Дневно излегуваат по неколку камиони старо железо. Ова е секојдневна глетка“, вели Мишевски.
Државниот инспекторат за животна средина, истиот ден, 22 јануари, кога се снимени овие фотографии испрати соопштение до медиумите за вонредните инспекциски надзори врз индустриските објекти во земјата.
Од приложеното се гледа дека ДИЖС не констатира никакво загадување затоа што „ОХИС не се во работен режим со години“.
Денеска и Владата на Република Македонија ја објави информацијата за вонредните инспекциски надзори на ДИЖС, каде се вели дека е извршен надзор и над „останати инсталации во Скопје не се во функција одамна (ОХИС, Рафинерија, Скопски Легури, МЗТ Леарница…)“.
М. Ивановска