Екосистемите претставуваат највисоко ниво на организација на животот во природата на нашата планета. Тие функционираат според многу сложени еколошки закони и принципи.
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Природата е извор на животот. Нашата благосостојба е во директна зависност и поврзаност со благодатите кои ги добиваме од неа. Здравата и чиста природа ни овозможува основни услови за безбеден живот и материјални придобивки, но и нематеријални придобивки во вид на уметничка инспирација, културен и духовен раст и развој.
Животната заедница во природата мора да зазема некаков простор, во кој членовите на таа заедница на организиран начин ги задоволуваат своите животни потреби: движење, исхрана, наоѓање на засолништа и заштита…Највисокото ниво на организација на животот во природата на нашата планета, претставуваат екосистемите. Тие функционираат според многу сложени еколошки закони и принципи.
Екосистемите се основни функционални единици во екологијата, кои ги вклучуваат организмите (животната заедница) и животниот простор (абиотичкото опкружување).
Со други зборови, екосистемите претставуваат збир на различни живи организми (биоценоза) и неживи компоненти (биотоп) на животната средина, кои се тесно поврзани со протокот на материјата и енергијата. Секоја од компонентите влијае врз карактеристиките на другата. Двете компоненти се подеднакво значајни за одржување на животот на Земјата.
Самиот поим „екосистем“ е осмислен од британскиот еколог сер Артур Џорџ Тенсли, во 1935 година, кој ги опишал природните системи како ентитети кои се наоѓаат во постојана размена, помеѓу нивните живи и неживи елементи.
Единството на екосистемите почива на меѓусебното влијание на живите суштества и неживата околина: земјиште, вода,воздух, температура, влажност. Екосистемите се доста сложени и динамични системи. Секоја промена на било која од нивните компоненти се одразува на системот во целост.
Во секој екосистем, постојат три типа на односи помеѓу неговите компоненти:
- Акции – кои ги претставуваат ефектите на биотопите (нежива природа) врз живите суштества што ја населуваат
- Реакции – ефектите на живите суштества врз биотопот(живите суштества се прилагодуваат на промените во условите во биотопот и во исто време ја менуваат животната средина)
- Коакции – меѓусебни влијанија помеѓу самите организми (ним им припаѓаат сите односи на исхрана во биоценозата и цела низа на конкурентни односи – за простор, за храна).
Биоценозата и биотопот заедно претставуваат еколошки систем во кој енергијата тече, а материјата циркулира помеѓу двете компоненти на системот и во секоја од нив.
Органската продуктивност на екосистемите ја претставува вкупната количина на формирана органска материја, која сите организми, на различни трофични нивоа (во синџирот на исхраната), ја произведуваат во одреден временски период по единица површина или волумен.
Таа се состои од:
- Примарна продуктивност – вкупната количина на органска материја произведена од производителите
- Секундарна продуктивност – вкупната количина на органска материја произведена од потрошувачите.
Со менувањето и уништување на природните живеалишта, се намалува биодиверзитетот (биолошка разновидност на живи видови), се прекинуваат синџирите на исхрана, а со тоа и трансферот на енергија и супстанции во екосистемот.
За да се заштитат ретките и загрозени органски видови, основен услов е заштита на нивните природни живеалишта. За таа цел, потребно е да се спроведе евидентирање на загрозените видови, нивна заштита со закон, прогласување на живеалиштата на заштитените видови како строги, природни резервати, каде што човечката активност е минимална и формирање на национални паркови како најсеопфатен вид на заштита.
—
Линкови:
https://www.slideshare.net/DraenkaVujakovi/ss-41620091
https://velikirecnik.com/2017/01/30/ekosistem/
https://www.bionet-skola.com/w/Ekosistem
https://www.slideshare.net/Eva983/ekosistem-53896062
https://bs.wikipedia.org/wiki/Ekosistem
https://www.shtreber.com/ekosistem-osnovni-procesi-odnosi-ishrane
http://ekoblog.info/sta-znate-o-ekosistemima/
https://ekospark.com/info/06_biodiverzitet/ekosistem/ekosistem.html
https://www.ucg.ac.me/skladiste/blog_1831/objava_74888/fajlovi/9,%20EKOLOGIJA.pdf