„Секогаш имајте на ум дека луѓето не се борат за идеи, за некои работи во нечија глава. Луѓето се борат да добијат материјални придобивки, да живеат подобро и во мир, да напредуваат во животот, да обезбедат иднина за своите деца “- Амилкар Кабрал
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Постојат повеќе причини поради кои се организираат колективни акции, односно општествени (политички и граѓански) движења. Најчесто тоа се кризните и конфликтните состојби во општеството, како и наталоженото системско незадоволство кај граѓаните, предизвикано од определени општествени појави.
Целта на овие колективни, неинституционални, организирани акции е да се постават јасни барања и насоки (помалку или повеќе) за излез од актуелната криза, за промена (или задржување) на постојната состојба и изградба на нов општествен идентитет. Политичките и граѓанските движења претставуваат светски феномен, движечка сила на општествените промени.
Концептите што се користат при опишување на заложбите на граѓанските движења, во зависност од општествено- историските и политички околности во кои се одвиваат, обично се насочени кон општествено праведен свет, почитување на човековите права и слободи, недискриминација, ненасилство, еднаквост и социјалната правда за сите, еднаков пристап до придобивките од општеството, како основни вредности на зелените политики.
Современите општествени движења се факт во прогресивниот, граѓански, демократски и цивилизиран свет, свет на масовни комуникации и информации, свет кој продуцира права и слободи и силно се бори за нивниот опстанок.
Првите сериозни општествено-политички движења се појавуваат уште во ХIХ век, но се популаризираат од втората половина на ХХ век.
Едно од најстарите политички движења е феминистичкото, кое е формирано во западните земји (во ХIХ век), како една од последиците на индустриската револуција. Феминизмот е збир на идеологии и движења насочени кон дефинирање, воспоставување и застапување на еднакви политички, економски, културни и социјални права на жените со мажите, со цел нивно ослободување од насилство, сексизам и традиционалните женски улоги.
Идејата на феминистичкото движење е да ја обедини женската популација, со цел надминување на половата дискриминација и доминација. За феминизмот се карактеристичи три развојни фази. Современото феминистчко движење е интересно за анализирање од аспект на различните типови на концептуализација, организација, форма и содржина на борбата за остварување на декларираните или претпоставените цели.
Обидите за негирање на полот и надминување на родовите разлики, го приближуваат феминизмот до други, сродни теории: квир теоријата, постмодернизмот, екофеминизмот (ја обединува екологијата и феминизмот, поврзувајќи ја експлоатација и доминација на жените со онаа на животната средина), трансфеминизмот.
Мировните движења настанале како резултат на протестирањето на граѓаните против војувањето и против нуклеарното наоружување, од различни причини (морални, верски, политички). Овие општествени движења имаат за цел прекинување на воените дејства и насилства, за постигнување на идеалот за траен мир.
Ненасилниот отпор, промовирањето на пацифизмот и антимилитаризмот, демонстрациите, бојкотите, етичкиот конзумеризам и поддршката на антивоените политички кандидати, се некои од тактиките со кои се користат учесниците во мировните движења, за остварување на своите цели.
Социјалната правда е исто така концепт на општествено движење, насочено кон општествено праведен свет. Во овој контекст политичките и граѓанските движења се насочени кон реализација на социјалната правда, заснована врз концепт на општество кое е ориентирано кон почитување на човековите права и слободи, еднаквост, еднакви услови за егзистенција на сите, еднаков пристап до природните ресурси и општествените и цивилизациски придобивки.
Линкови:
https://www.dictionary.com/browse/civil-rights-movement
https://en.wikipedia.org/wiki/Civil_rights_movements
https://sr.m.wikipedia.org/wiki/
https://sh.wikipedia.org/wiki/Ekofeminizam
https://www.ecofeminizam.com/2017/01/11/ekofeministicki-pokreti/
https://sr.wikipedia.org/sr-el/
https://sh.wikipedia.org/wiki/Dru%C5%A1tveni_pokreti
file:///C:/Users/namin/Downloads/Rev_za_soc_1985_15_3_4_Oklobdzija.pdf
https://hr.wikipedia.org/wiki/Mirovni_pokreti