Иако идејата за овој концепт се смета за иновативна, таа е сепак аналогија на животниот циклус во природата. Со повторното искористување на веќе употребеното, барањето начини отпадот да се претвори во ресурси (исто како и кај природата, која не познава отпад, туку само ресурси), циркуларниот модел на економија заговара – враќање кон природата
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Во природата не постои отпад. Отпадот е дело на човекот. Во последно време се повеќе станува јасно дека природата потклекнува, дека веќе не може да го издржи притисокот кој отуѓениот човек од неа го врши врз неа. Ресурсите ги има сè помалку, отпадот сè повеќе, климатските услови се сè полоши, а загадувањето е сè поголемо.
Прашањето е, како да се реши овој проблем? Како повторно да се свртиме кон природата? Како отпадот кој неуморно го создаваме да се трансформира во нешто корисно за сите, во производ и пари без никакви негативни последици по животната средина?
Одговорот на ова прашање го дава циркуларната економија, која како модел води кон обнова на екосистемите, но и се стреми кон веведување на иновации и влијае врз промената на навиките на општеството.
Се повеќе земји во светот ја сфаќаат штетноста на до неодамна најпопуларниот- линеарен модел на економија, кој се сведува на неконтролирана експлоатација на природните ресурси (најчесто на необновливите) по принципот на земање, искористување и фрлање.
Негативните тенденции врз животната средина, кои се јавуваат како последица од практикувањето на овој модел на економија, наложуваат насочување кон друг, одржлив начин на делување, менување на деловните модели и навики, како и начинот на размислување. Циркуларната економија најчесто се сведува на управување со ресурсите кои се ограничени, нивно максимално искористување, минимално создавање на отпад и негово трансформирање во ресурси.
Иако идејата за овој концепт се смета за иновативна, таа е сепак аналогија на животниот циклус во природата. Со повторното искористување на веќе употребеното, барањето начини отпадот да се претвори во ресурси (исто како и кај природата, која не познава отпад, туку само ресурси), циркуларниот модел на економија заговара – враќање кон природата.
Насочувањето на вниманието кон енергетската ефикасност и еколошката одржливост, кои се применливи во сите аспекти на животот, претставува темел на новиот начин на општествено однесување. На тој начин, човештвото настојува повторно да го воспостави изгубениот однос со природата, како и да ја врати вербата во можноста за понатамошен просперитет.
Во прилог на афирмацијата на идејата за воведување на циркуларната економија е аргументот дека заложбата за постигнување на одржлив развој на глобално ниво, не подразбира негативна промена на квалитетот на животот на луѓето, ниту пак пад на производството и профитот на произведувачите.
Според тоа, овој модел може и мора да биде макар еднакво профитабилен како линеарниот, но, и да им овозможи еднакво задоволство на потрошувачите од производите и услугите.
За остварување на целите (економски и еколошки одржливи системи) на циркуларната економија, ставен е акцент на иновативното размислување во сите процеси на производство, на системското размислување, на продолжување на животниот век на производите, како и на процесот на рециклажа.
Потребата од воведување на моделот на циркуларната економија, Европската комисија (2017 година)го има преточено во документ наречен „Манифест за Европа со ефикасни ресурси“ (Manifesto for a Resource-Efficient Europe), во кој јасно е нагласено дека „во светот со растечки притисок врз природните ресурси и животната околина, Европската унија нема друг избор освен да тргне по патот на транзиција кон ресурсно ефикасно и во крајна линија регенеративен модел на циркуларната економија“.
—
Линкови:
https://www.kamatica.com/vodic/sta-je-cirkularna-ekonomija-i-zasto-je-vazna/62139
http://www.tfzr.uns.ac.rs/Content/files/0/Cirkularna%20ekonomija.pdf
https://www.osce.org/files/f/documents/a/5/292311.PDF
https://bfpe.org/u-fokusu/razvoj-i-decentralizacija-fokus/sta-je-cirkularna-ekonomija/
https://www.mmu.ac.uk/media/mmuacuk/content/documents/w2rin/5756-R4GM-IO4-Croatian-v4.pdf
https://www.mmu.ac.uk/media/mmuacuk/content/documents/w2rin/5756-R4GM-IO4-Croatian-v4.pdf
https://www.draganvaragic.com/blog/cirkularna-ekonomija-megatrend-novi-poslovni-modeli-i-internet/