Основен постулат на одржливиот развој е дека унапредувањето на благосостојбата се мери со подобрувањето на квалитетот на животот, а не со зголемувањето на количеството на произведени или потрошени материјални односно енергетски ресурси.
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Современиот свет веќе во голема мера е соочен со потребата од глобална, заедничка одговорност за зачувување на планетата Земја, како за сегашните, така и за идните генерации.
Сите луѓе имаат еднакви права на најшироки основни слободи, кои не ѝ противречат на слободата на другите. Затоа, правото на сегашните генерации за искористување на ресурсите и здравата животна средина не смее да го загрози тоа исто право на идните генерации.
Конфликтот помеѓу ограниченоста на природните ресурси од една страна и потребата од економски развој, производство и профит од друга страна, ја прават неизвесна можноста за остварувањата на потребите и правата на идните генерации.
Во 1987 година, Светската комисија за животна средина и развој на Организацијата на обединетите нации, во својот извештај „Нашата заедничка иднина“, укажува на можните сериозни последици од неконтролираното демографски и економски раст, како и на нужноста од дефинирање на концепт за одржлив развој. Оригиналната дефиниција која е најпрецизната до ден денес (иако сега се повеќе на број) гласи:
„Одржливиот развој е развој кој ги задоволува потребите на сегашните генерации, без при тоа да ги загрозува можните идни генерации во задоволувањето на своите потреби. Во него се содржани два клучни концепти:
-концептот на потребите, посебно на основните потреби на сиромашните во светот, на кој треба да му се даде најважен приоритет
-ограничено-способната животна средина да ги задоволи сегашните и идните потреби, а за што при планирањето на технолошките и општествените организации мора да се води сметка“.
Концептот на одржлив развој стимулира преиспитување на многу аспекти на современото живеење и однесување, како и на последиците што урбаниот начин на живеење ги остава врз природната средина.
Основниот постулат на одржливиот развој, се однесува на тоа дека унапредувањето на благосостојбата се мери со подобрувањето на квалитетот на животот, а не со зголемувањето на количеството на произведени или потрошени материјални односно енергетски ресурси.
На Самитот на Обединетите нации за одржлив развој, во Њујорк, во септември 2015 година, усвоена е Програмата на Обединетите нации за одржливиот развој до 2030 година (позната како Агенда 2030).
Скелетот на развојната агенда го претставуваат 17 цели за одржлив развој, детално разработени во 169 меѓусебно тесно поврзани подцели. Станува збор за клучната платформа за решавање на најважните предизвици на денешницата во нивната меѓусебна поврзаност во економската, социјалната, еколошката и политичко-безбедносната димензија.
Нејзиното доследното спроведување е од примарно значење за меѓународната заедница, поради својата сеопфатност, инклузивност, универзалност и трансформативен карактер.
Со институционализирање на концептот за оджлив развој, поставени се темелите за новиот вид на соработка на глобално ниво. Таа соработка е заснована на заедничките интереси, меѓусебните потреби и поделбата на одговорностите.
—
Линкови:
https://qdoc.tips/odrzivi-razvoj-pdf-free.html
https://scholar.google.com/scholar?q=odrzivi+razvoj+pdf&hl=en&as_sdt=0&as_vis=1&oi=scholart
http://lora.bioteka.hr/sto-je-odrzivi-razvoj/
http://www.mvep.hr/hr/vanjska-politika/multilateralni-odnosi0/globalne-teme/odrzivi-razvoj/
https://www.slideshare.net/Eva983/odrivi-razvoj-61876696