„Градот во духовна и материјална смисла мора да обезбеди слобода на личноста, но и можност на колективно делување“, Ле Корбизје (Шарл-Едуар Жанере-Гри)
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Просторот е еден од најважните ресурси. Историски гледано, активностите кои се поврзани со уредувањето и планирањето на просторот во организирани населби се присутни уште од појавата на првите градови, во антиката.
Под влијание на индустријата, во XVIII и XIX век, заедно со демографскиот и просторниот раст, забележан е и забрзан развој на градовите. Со тоа е предизвикан демографски притисок на населението од руралните средини. Исто така, во тој период, забрзано се развива железничкиот и патниот сообраќај, како и градскиот превоз, со што почнува да се менува и физичката структура на градовите.
Поради тоа се јавува потребата за формирање и развиток на дисциплина, односно општествена дејност, која плански ќе се занимава со развојот на градот, неговата организација, уредување и користење на просторот.
Како последица на тоа, а со цел хуманизација на градовите, доаѓа до појава на урбанистичката мисла. Подоцна, во ХХ век, под дејство на прогресивната урбанизација, доаѓа до конституирање на урбанизмот како научна дисциплина, односно општествена, стручна и законодавна дејност.
Оваа научна дисциплина може да се дефинира како научна, општествена и стручна, а нејзиниот фокус е насочен кон истражување, проучување и применување на принципите и односите со кои треба да се обликува, уредува и користи просторот.
Терминот урбанизам потекнува од латинскиот збор urbs, што значи град.За урбанизмот според тоа може да се каже дека е и наука за населбите, која ги обединува сите сегменти на животот, обезбедувајќи им на луѓето квалитетна животна средина. Тој има теоретска и практична примена.
Основната цел на урбанистичкото планирање е организирањето на населбите како просторни целини, со квалитетни физички, функционални, еколошки, социолошки и естетски карактеристики.
Урбанизмот како наука секогаш е во функција на развитокот на населените територии, нивните специфичности и вредности, како и условите за живот на популацијата која живее во нив, со согледување на поширокиот простор. Обезбедувањето на оптимални услови за приватен и јавен живот, домување, одмор, работа, производство, рекреација, култура, образование, непречено движење, социјална заштита, грижа, нега, релаксација – е неопходност која на граѓаните треба да им овозможи да бидат здрави, безбедни, корисни, задоволни и достоинствени.
Во целите на урбанистичката наука се вбројуваат и заштитата на животната средина во населбите и нивната околина.
Статистиките покажуваат дека во овој трет милениум, како резултат на прогресивната урбанизација (процес на ширење на градскиот начин на живот) во сите делови од светот, повеќе од половина од светското население живее по градовите.
Тој тренд на забрзана урбанизација е во интеракција со процесот на глобализација, кој го стимулира нагонот за зацврстување на врските помеѓу луѓето во градовите, во рамките на општествата, со цел непречен проток на добра, луѓе, услуги, капитал, технологија и идеи.
Во тој дух, продолжува и трендот на придвижување на моќта и одговорноста од национално на ниво кон локалната власт и граѓанското општество. Овој процес започнува во деведесеттите години од минатиот век, како резултат на сознанието дека традиционалниот модел на урбано управување повеќе не може да понуди решенија за постоечките и новонастанатите проблеми.
Одамна е надминат дискурсот, според ко урбанизираните градови претставуваат само концентрација на население, сообраќај, трговија и индустрија. Денес, синоними за убав и привлечен град се: квалитетниот урбанизам и архитектура, квалитетот на образованието, културното наследство, спортските и рекреативни можности, заштита на околината, воздухот и водата, општествениот, забавниот и ноќниот живот, духовитоста и духовноста.
За да се постигне целта за одржлив урбан развиток (како единствено прифатлив модел на уредување на населбите), потребно е да се усогласат искуствата од развојот на градовите во минатото со сегашните потреби. Од прагаматични причини, тоа би вклучувало: паметно урбанистичко планирање, одржлив јавен градски превоз, квалитетно и достапно домување, квалитетни јавни услуги, чист воздух, вода, зелени површини, достапни работни места, почитување и негување на минатото.
Во еден дел од Агенда Хабитат и Истанбулската декларација, кои се донесени на Втората конференција на Обединетите нации за човечки населби, одржана во Истанбул- Турција (јуни 1996 година), се вели:
„Одржливиот развој е суштинско прашање за развитокот на населбите, кој комплексно ги зема предвид општествените потреби, посакуваниот стопански раст и општествен развиток, како и неопходноста од заштита и зачувување на животната средина. Одржливиот развој треба да обезбеди услови за стопански развој, можност за вработување и општествен напредок во хармонија со животната средина – обединувајќи ги принципите за заштита и зачувување на природната средина, почитување на границата на оптоварување на еколошките системи и зачувување на ресурсите за идните генерации. Одржувањето на населбите значи истовремено и нивна урамнотежена географска дистрибуција, одржување биолошка разновидност, квалитет на земјоделското земјиште и урамнотежен општествен развој“.
—
Линкови:
https://vdocuments.net/reader/full/prostorno-planiranje-skripta
https://fdocuments.net/document/prostorno-i-urbanisticko-planiranje.htm
https://www.novosti.rs/vesti/kultura.71.html:471567-Maldini-Urbanizacija-i-ekologija
https://scindeks.ceon.rs/article.aspx?artid=0351-465X0351023L
https://scindeks-clanci.ceon.rs/data/pdf/0351-465X/2003/0351-465X0351023L.pdf
http://hzpr.hr/definicija-prostornog-planiranja/urbano-planiranje/
https://hr.hostaletdcanet.com/209787-ecological-urbanism-BBREOP
https://www.enciklopedija.hr/Natuknica.aspx?ID=63320
https://sr.wikipedia.org/wiki/
http://www.ekof.bg.ac.rs/wp-content/uploads/2014/05/5-glava.pdf
https://prezi.com/x6wiedteqobu/urbanizam-prostorno-planiranje/
https://zavod.pgz.hr/pdf/12_prof.dr.sc.Srecko_PEGAN.pdf
http://www.apps.org.rs/o-prostornom-planiranju/sta-je-to-prostorno-planiranje/
https://www.yumpu.com/xx/document/read/12605784/prostorno-planiranje-i-zastita-okolisa-skripta
http://www.vggs.rs/gradjevinski_odsek/predmeti_ispiti/urbanizam1/predavanja/1_predavanje.pdf