Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) организира панел дискусија на тема „Еколошки криминал – предизвик за македонското законодавство“
Учесници на панелот се Никола Јовановски, проект менаџер од Центар за правно истражување и анализи и Дарко Блинков, Раководител за аналитика, меѓународна соработка и проекти во животната средина, Сектор за координација на работата на ДИЖС.
Што е еколошки криминал, колку е распространет, како се регулира, како да се превенира, кој е надлежен за негово санкционирање, кои се последиците и кој ја сноси одговорноста за еколошки криминал, но и предизвиците со кои се соочуваат надлежните органи се теми на кои зборуваат учесниците.
-Еколошки криминал претставува незаконито дејствие или чин кој штети на животната средина и предизвикува некои последици, кои последици на некој начин можат да бидат санирани или поправливи, но можат да бидат и непоправливи и тогаш станува збор за посериозни дела во животната средина. Од оние дејства кои ги кажав, како нарушување на животната средина, најчесто споменувани се загадувањето на животната средина, како воздухот, почвата, водата, деградација на живиот свет, намалување на биодиверзитетот, нарушување на еколошката рамнотежа, вели Јовановски, проект менаџер од Центар за правно истражување и анализи и додава дека како последица на еколошкиот криминал, се појавуваат болести, еколошки катастрофи.
-Како пример би ја спомнал поплавата што се случи пред некоја година во Скопје, токму заради тоа што голем дел од шумите беа сечени и се овозможи слевање на водата на обиколницата околу Град Скопје.Сведоци сме на неповратни климатски промени коишто се повеќе заземаат тема на светските форуми. Намален е животниот век на луѓето. Во Скопје знаеме дека имаме големи проблеми со загадувањето на воздухот и проблемите кои се јавуваат како последица, истакна Јовановски.
-Во однос на еколошкиот криминал, во Република Северна Македонија, може да кажеме да од механизмите кои ги имаме и од она што е споменато од Извештајот на ЕК од 2020 година, се уште имаме застарен механизам, што значи дека ние имаме механизам кој што на почетокот во самата истрага, во делот на комуникација со инспекциските служби и со МВР нема доволна координација. На тој начин каскаме зад она што се случува во Европа. Но од друга страна имавме одредби кои бараа надополнување, бидејќи генерално политиката на казнување беше блага. Најголемиот дел од делата коишто се однесуваа на загрозување на животната средина завршуваа на прекршоци, смета Јовановски.
-Кај нас најраспространето е неселективното сечење на дрвја, загадувањето на воздухот и водата, а во последно време се јавува трговија со диви животни, но и испуштање на отпадни води и течни отпади во одредени водотеци во реките во Северна Македонија од поголемите коорпорации, вели Јовановски.
-Во 2020 година направивме платформа наречена „Платформа за еколошка правда“. Во неа учествуваат сите институции во Северна Македонија кои се надлежни за заштита на животната средина, дополнително МАНУ, невладините коишто работат во овој дел, но тука се вклучени и сите експерти кои можат да ни помогнат во решавањето на овие прашања. Имавме интересна дискусија околу начинот на складирање на медицинскиот отпад и од друга страна колку тој отпад ја загадува околината каде што се складира и дојдовме до информација дека повторно имаме проблем околу координацијата помеѓу Министерството за животна средина, инспекциските служби и помеѓу Министерството за здравство, потенцира Јовановски.
Раководителот за аналитика, меѓународна соработка и проекти во животната средина, Сектор за координација на работата на ДИЖС, Дарко Блинков вели дека Инспекторат овие 25 години секогаш е отворен, транспарентен и има добра комуникација со граѓанскиот сектор, академската фела, со индустријата, односно со целата засегната јавност.
-Во моментов согласно организациската поставеност имаме три сектори- Сектор за инспекциски надзор во животната средина, Сектор за инспекциски надзор во природата, Сектор за водостопански инспекции како и Секторот за координација на работата, општи и јавни работи и набавки. Во моментов сме 23 вработени, вели Блинков.
-Планирањето го вршиво врз основа на однапред утврдена методологија за процена на ризици и коефициент на сложеност. Во однос на годишниот план и двата шестмесечни извештаи има едно тело согласно т.н „Чадор“ Закон – Законот за инспекциски надзор, има едно тело инспекциски Совет на Северна Македонија кој врши координација на работата со сите инспекциски служби и врз основа на анализи ја брифира Владата што треба понатаму да се спроведува, вели Блинков и додава еден од новитетите е воведување на т.н е-инспектор. Веќе три инспекторати – управен, пазарен и трудов се дел од оваа платформа.
-Веќе 15 години работиме со еколошкиот криминал или криминалот во животната средина. Мислам дека имаме одлични, искусни експерти во сите институции, само ни фали една добра организација. Имаме и водичи и сметам дека се е во рацете на МВР. Битна е и политичката волја, но и да сакаме и да не сакаме, согласно претпристапното членство во ЕУ, од март се отвора скринингот за поглавјето 27 (животна средина и климатски промени), што значи дека ние ќе влеземе во процедура и секој пат овие извештаи како и за директивата за еколошк извештаи ќе не прашуваат до каде сме. Така што сите тие препораки на некој начин значат облигација и по моја оцена мислам дека за не повеќе од шест месеци можеме да се преструктуираме доколку се формира еден таков оддел во МВР и сите овие институции преку овие водичи и стандарно и оперативни процедури бидат вмрежени. Регулаторниот циклус вели дека треба да имаме многу добра организација, добри делови на законодавството, примена и спроведување на законите. Потоа треба да се направат анализи за во иднина што треба да се менува, потенцира Блинков.
-Со измените на Кривичниот Закон кои што беа барани од Извештајот на ЕК од 2020 година се во постапка и ќе дојдеме во ситуација сите овие работи кои ги разговараме денеска ќе мора многу брзо да ги имплементираме. Сепак клучниот проблем сметам дека е координацијата помеѓу клучните институции и потребно е посебно одделение во МВР, бидејќи од тука почнува целата истрага, со тоа што во иднина ќе мора да направиме напор тоа одделение да се искоординира и секако во делот на судството потребна е реорганизација на обвинителите и судиите во делот на специјализирање за еколошкиот криминал, вели Јовановски, проект менаџер од Центар за правно истражување и анализи.
Панел дискусијата може да се проследи онлајн на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутјуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел дискусијата е дел од „Зелена читанка“ – Проект за развој на ресурси засновани на факти за подобрување на знаењето и јакнење на јавната свест за зелените вредности, теми, политики и перспективи, што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.