Граѓаните на Грузија гласаа на клучните парламентарни избори. Според прелиминарните резултати објавени од Централната изборна комисија на Грузија (ЦЕЦ), партијата Грузиски сон освои мнозинство места. Меѓутоа, изборите се проследени со тврдења за измама.
Европските зелени итно повикуваат на независна меѓународна истрага за наводите за изборна измама во Грузија. Загриженоста во однос на непристрасноста на ЦЕЦ мора да се сфати многу сериозно. На прес конференција денес во Тбилиси, Јулијан Булаи, шеф на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, се осврна на „случаите на купување гласови, широко распространетата клима на притисок и партиски организирано заплашување пред и за време на изборите, особено во руралните средини“. Покрај тоа, во изјавата објавена денес од страна на заедничката меѓународна набљудувачка мисија се забележува „загриженост во врска со непристрасноста и политичката инструментализација на надзорното тело“. Извештајот наведува бројни случаи на изборни нерегуларности.
Томас Ваиц, копретседавач на Европската Зелена партија рече: „Вака не изгледаат слободни и фер избори. 12-годишното владеење на партијата Грузиски сон во последниве години беше обележано со сé поавторитарни политики, непочитување на владеењето на правото и основните демократски принципи, раширена корупција и широко распространето народно незадоволство. Меѓународните набљудувачи денес забележаа дека честите компромитирања во тајноста на гласањето и заплашувањето на гласачите влијаат на јавната доверба во процесот на гласање. Сите главни опозициски партии ги оспоруваат изборните резултати објавени од страна на изборната комисија на Грузија. Независните изборни набљудувачи од грузиското граѓанско општество ги квалификуваат постапките на владеачката партија како „шема за голема измама“ што не ја одразува волјата на грузискиот народ“.
Копретседавачот на Европската Зелена партија, Мелани Вогел, додаде: „Масовните проевропски протести во последните години испратија многу јасна порака. Повеќе од 70% од Грузијците го поддржуваат пристапувањето во ЕУ, што е, исто така, цел содржана во уставот на Грузија. Европските зелени силно веруваат дека имаме заедничка иднина. ЕУ мора да зборува со обединет глас и да го поддржи народот на Грузија и нивните аспирации во овие критични времиња. Продолжуваме внимателно да ја следиме состојбата и повикуваме на демократско и мирно решавање на постизборната криза во Грузија“.
извор: Европски Зелени
Превод: Н. Цветковска