Абдулов: Предизборните ветувања на социјално загрозените категории не се реализираат!

„Разни програми им се ветуваат, им се нудат на граѓаните, особено на таа целна група, социјално загрозените категории, за понатаму да видиме дека од тоа нема ништо, или се реализира многу мал дел. На крајот, тие граѓани повторно остануваат со истиот статус“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, граѓанскиот активист Зекир Абдулов од делчевската невладина организација „Кхам“ („Сонце“)

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички односно изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

АБДУЛОВ: Како претставник на граѓанскиот сектор којшто се занимава токму со социјално загрозени категории, односно, невладина организација која како целна група ја има пред сé, ромската заедница, која е една од веќе познатите социјални категории, можам слободно да кажам дека врз основа на нашите истражувања, ромската заедница и останатите социјално загрозени категории, се најчесто и најредновно злоупотребувани од политичките претставници. Пред сé, од кандидатите коишто имаат кампањи во предизборниот период, за време на изборниот период, па дури и во постизборниот период. Како најзагрозени категории, тие многу често се наоѓаат во ситуација да бидат манипулирани, да им се ветат многу работи: вработување, користење на социјална помош, па дури, одат дотаму што негата од трето лице многу често е услов за нивното прифаќање на одредени кандидати, односно, поддршка на кандидатите. Забележуваме и злоупотреба на социјалните категории во однос на нивни сезонски вработувања, и сите тие програми коишто се однесуваат на ранливо социјалните категории. Сите тие програми им се ветуваат, им се нудат на граѓаните, посебно на таа целна група, за понатаму да видиме дека од тоа нема ништо, или се реализира многу мал дел. За на крајот, граѓаните повторно да останат со истиот статус.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

АБДУЛОВ: За жал, во последно време, многу ретко можеме да видиме реално остварливи ветувања, бидејќи за време на кампањата се ветуваат покрупни работи како мамка, односно, како можност да се добие гласот на граѓаните. Тоа е корупција, поткупувањето, давањето на пари за да се земе глас од граѓаните, сезонските вработувања, вработувања без решенија и без договори...

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од социјалната правда?

АБДУЛОВ: По сите тие злоупотреби кои ги наведов, можеби има одредени бенефиции коишто ги добиваат ранливите категории, но тоа е моментално. Тоа се еднократна помош, многу ситни суми на пари коишто ги добиваат за да го дадат гласот или одреден интерес. Меѓутоа, кога ќе заврши сето тоа, тие остануваат на иста позиција. Доказ за тоа е невработеноста која лажно се намалува. Од друга страна, иселувањето е фактор којшто придонесува за наводното намалување на невработеноста, а бројот на корисниците на социјална помош и прагот на сиромаштија е сé поголем и поголем. Тоа се индикатори кои покажуваат дека воопшто не се подобрува состојбата на тие ранливи категории, туку, напротив, и покрај тие интервентни мерки што ги даваат во предизборниот период, остануваат само како мамка за да можат граѓаните да бидат злоупотребени. Состојбата на истите лица воопшто не е подобрена, туку напротив, можеме да видиме дека бројот на семејства кои што се под прагот на сиромаштија е се поголем. Граѓаните, односно, семејствата од социјално загрозените групи, можеме да ги забележиме сé почесто на улица и сé почесто во ситуација да бараат основна егзистенција, односно, да бараат храна. Тоа се показатели коишто наведуваат дека состојбата на граѓаните, и покрај огромните ветувања,не се подобрува, туку, напротив, од ден на ден, за жал, состојбата на тие категории е сé повеќе влошена.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто темите од областа на социјалната правда во политички и изборен контекст?

АБДУЛОВ: Ќе тргнам од граѓанскиот сектор. Нашата задача, како и секогаш, е да ги едуцираме, да ги информираме, да ги мотивираме граѓаните... Да заштитиме дел од нивните права во рамките на нашите можности. Сметам дека добар дел од граѓанскиот сектор тоа веќе го прави во последно време, но има сé уште работа во таа област. Во делот на институциите, тие треба да се департизираат. Мора да се тргнат од политичките партии, пред сé, од владеачките политички партии коишто ги користат институциите за нивните интереси. Политичките партии коишто се во предизборен и постизборен период, ќе треба да ги остваруваат, односно, реализираат своите ветувања, своите програми... Да настојуваат истите тие програми да бидат реализирани и остварени. Да не ветуваат премногу, односно, она што не е остварливо, туку, она што е дадено во нивната платформа, во нивната програма да биде максимално остварено. Институциите мора да бидат одделени од политиката.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

This post is also available in: Albanian English