Јовановиќ: Партиите се расфрлуваат со нереални ветувања!

Синдикатите кај нас, за жал, со чест на исклучоците, генерално важат за ‘жолти синдикати’, односно, за организации кои не ја вршат својата основна работа, не се залагаат за работниците и за зачувување на работничките права, туку едноставно, соработуваат со власта и со сопствениците на фирмите! И затоа, никој премногу не им верува“, вели во изјавата за ЦИВИЛ Медиа, професорот Бранимир Јовановиќ, експерт за социјални политики

 ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст. Кои се вашите сознанија и анализи?

Јовановиќ: Апсолутно се злоупотребуваат! Најчестиот вид на злоупотреба е што помошта која тие треба да ја добиваат од државата се условува со задоволување на одредени партиски потреби и тоа најчесто е присутно во предизборен период и се врзува со изборни потреби. На пример, им се кажува на луѓето дека за да добијат социјална помош или било каков друг вид на помош, треба да гласаат за партијата. Или, ако не гласаат за партијата, помошта ќе биде ускратена, ќе биде укината од следната партија, и така натаму. Но, според мене, најсериозен вид на злоупотреба на социјално загрозените лица и генерално на социјалната помош, е тоа што сиромаштијата, генерално, се одржува на високо ниво, токму со намера - тие лица да можат да се злоупотребуваат за такви потреби! Сиромаштијата во оваа држава е толку висока, толку долг период, токму заради тоа - да можат тие личности кои се погодени, односно, кои се сиромашни, да бидат злоупотребувани за клиентилистички мотиви. Кога имате сиромаштија, луѓето што се сиромашни се „продаваат“ за вреќа брашно. И токму заради тоа, власта, односно, партиите кои што биле на власт во оваа држава изминативе 25 години, a особено владеачката гарнитура, не сакаат да ја намалат сиромаштијата, затоа што тие ги злоупотребуваат сиромашните лица за партиски цели. Им ја зголемуваат социјална помош, им даваат некои други ситни бенефити во предизборен период и на тој начин ги купуваат нивните гласови.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ЈОВАНОВИЌ: Сите оние ветувања дека ако ние дојдеме на власт, по неколку години, просечната плата ќе биде 500 евра или 1.000 евра, дека ќе исчезне невработеноста, се нереални ветувања. Тоа се ветувања што се однесуваат на исходи кои не се под директна контрола на власта и на државата. Од друга страна, ветувањата кои се однесуваат на работи што се под директна контрола на власта - се лесно остварливи. Како на пример, висината на социјалната помош или зголемување на минималната плата. Таквите ветувања се реално остварливи. Кај нас е загрижувачки што многу партии во предизборен период даваат и се расфрлаат со такви нереални ветувања, сé со цел да остварат ситни политички поени. Како, на пример, ако ние дојдеме на власт - просечната плата ќе биде 500 евра. Или, ако ние дојдеме на власт - ќе направиме минималната плата да биде 300 евра. Тоа исто беше кажано од една друга партија. Тоа се се убави работи, меѓутоа, тешко остварливи. Тоа со минималната плата можеби е остварливо, затоа што Владата може со закон да ја пропише минималната плата да биде 300 евра, односно 18.000 денари. Меѓутоа, проблемот е што 60 до 70 отсто од вработените во оваа држава, имаат плата која е пониска од 300 евра. Така што, ако вие ја поставите минималната плата на толку високо ниво, многу од тие вработени ќе останат на улица, ќе нема да можат да ги вработуваат, да им исплаќаат такви плати. Затоа, треба да се биде многу внимателен кога се даваат такви ветувања. Затоа е штетно кога политичките партии се расфрлаат со такви работи.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

ЈОВАНОВИЌ: Би рекол дека има две негативни последици. Првата е што се прави ситуација во која луѓето веќе не веруваат на било какви ветувања. Ако вие стално ветувате нешто, давате некои нереални ветувања, кои подоцна остануваат нереализирани, граѓаните веќе не знаат да проценат кои од ветувањата што ќе ги даде некоја политичка партија се реални. Ако вие постојано имате политички партии кои велат – ние ќе ја направиме платата 1.000 евра – и некои такви ветувања, тогаш кога некој ќе дојде со реална програма, со мерки коишто се реално остварливи, коишто таа партија би сакала да ги оствари, граѓаните тоа ќе го перципираат како уште едно ветување, како лажење од политичарите. Знаете дека довербата во политичките партии во оваа држава е многу ниска. Тоа се должи токму на фактот што политичките партии даваат такви нереални ветувања. Значи, што е првиот проблем? Тоа што се прави ситуација во која граѓаните веќе не веруваат во што и да слушнат. Вториот проблем, како што спомнав претходно, е што се одржува таква ситуација на сиромаштија и социјална неправда, којашто се злоупотребува за клиентелистички мотиви. Политичките елити намерно ја толерираат социјалната неправда, затоа што во таква ситуација тие можат да остваруваат профит во предизборен период.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјалната правда во политички и изборен контекст?

ЈОВАНОВИЌ: Би се осврнал на секоја од овие групи на фактори коишто ги спомнавте. Ќе почнам од синдикатите. Синдикатите кај нас, за жал, со чест на исклучоците, генерално важат за ‘жолти синдикати’, односно, за синдикати кои не ја вршат својата основна работа, односно, не се залагаат за работниците и за зачувување на работничките права, туку едноставно, соработуваат со власта и со сопствениците на фирмите! И затоа што е таква состојбата со синдикатите, никој премногу не им верува. Мислам дека синдикатите не можат тука многу да направат, затоа што само се перципирани како нешто во што се нема доверба.

Политичките партии се во слична ситуација. Според некои истражувања, во оваа држава граѓаните имаат најмала доверба во политичките партии. Значи, помалку им веруваат на политичките партии, отколку, на пример, на судството или на невладините организации... И тоа токму заради тоа што даваат нереални ветувања. Делумно заради тоа, а другата причина е што имаат само едно лошо искуство со политичките партии, односно, кога ќе дојдат на власт, партиите не ги остваруваат политиките што ги ветиле, туку прават некои други работи. Не верувам дека можат политичките партии многу да направат тука, затоа што граѓаните едноставно не им веруваат. Она што би требало да го прават е да даваат реално остварливи ветувања, а не нереални.

Мислам дека е клучна улогата на граѓанските организации, затоа што тие се оној коректив на власта којшто може да има реално влијание. Довербата во нив е значајно повисока од довербата во политичките партии, на пример. Она што граѓанските организации можат да го прават е да даваат критика на политиките или на предлозите и мерките коишто политичките партии ги даваат. На пример, ако некоја политичка партија излезе со мерка за минимална плата од 300 евра, граѓанските организации можат да дадат критика на таквата мерка. Критиката може да биде и позитивна и негативна, се разбира. Да кажат зошто е тоа добро или зошто е лошо. На тој начин, да може да се даде реална слика на одредена мерка и граѓаните да имаат реална слика за тоа дали таа мерка е остварлива, или пак, е само пласирана од популистички мотиви. Така што мислам дека е клучна улогата на граѓанските организации во овој домен и дека мора многу повеќе да работат, затоа што невладините организации кај нас, во последно време, некако бегаат од темата на социјалната правда, бегаат од тие социјални теми. Можеби во последнава година тоа малку се менува, но генерално, општиот заклучок е дека во изминативе десетина-петнаесет години, барем колку што јас ги следам овие состојби, генерално, другите теми беа многу повеќе во фокусот на невладините организации. Социјалните теми беа некако настрана. Мислам дека невладините организации мора да се посветат повеќе на овие теми. И особено да се посветат на давање на реална оценка на одредени политики. Значи, да не бидат заслепени од идеолошки побуди. На пример, ако имате невладина организација која што е претежно левичарска, не смее да дозволи нејзината оценка на одредена политика да биде заслепена од нејзината идеологија. Мора да се труди да биде колку-толку објективна. Значи, да повторам, мислам дека улогата на граѓанските организации е клучна во оваа сфера. И мислам дека граѓанските организации мора многу повеќе да работат на овие прашања. И, секако, треба да се трудат да бидат што е можно пообјективни, односно, да не дозволат да бидат заслепени од нивната идеологија.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English