ЦИВИЛ Медиа разговараше со Даница Павловска, архитект и експерт за просторно планирање за узурпацијата и злоупотребата на јавниот простор и за улогата на граѓан(к)ите во донесувањето политички одлуки.
„Во Македонија постои дрска и безобразна узурпација на јавниот простор којшто е дел од нашето социјално, културолошко миље и слобода на живеење“, ни изјави Павловска, зборувајќи за реализирањето на јавниот простор, како место за среќавање и спојување на луѓето.
За проектот „Скопје 2014“ како пример за злоупотреба на јавниот простор, без вклучување на граѓаните во одлучувањето на неговата изградба, Павловска ни изјави: „Да илустрираме конкретно, најдрастично и најнедозволиво, во однос на поврзувањето на темата јавен простор и ‘Скопје 2014’, е узурпацијата на Кејот. Кејот бил и треба да биде јавен простор. Со инсталацијата и изградбата на серија објекти, дрско му се одзеде правото на граѓанинот“.
„Со оглед дека тоа е направено на еден агресивен и нецивилизиран начин, јас можам само да искажам разочарување што го живеам овој момент“, рече архитектката Павловска, која ја поддржа и „Граѓанската повелба“, како документ што може да придонесе кон поинаква улога на граѓанството во секојдневниот живот.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.