Македонската безбедност како швајцарско сирење

Со гумени чизми, стари и несоодветни униформи, опремени со ашови и слични, едноставни земјоделски и градинарски алати, со ниски плати, неисплатени дневници, гладни и потценети... Тоа се војниците на Армијата на Република Македонија кои им помагаа на селата што беа поплавени минатата година во скопско и други места низ земјава. Изгледаа како партизани, веднаш по завршувањето на Втората светска војна.

 

Со години наназад, единствените за кои не само што нема забелешки, туку само пофалби, кога се надвор од земјава, се токму македонските војници. Но, власта на Груевски ги ограничи, осиромаши и понижи. Не само што не направи ништо за да ја осовремени и приближи армијата кон НАТО стандардите, туку ја врати далеку поназад отколку што беше во 2008 година, кога бевме најблиску до тоа. Руинирањето на армијата беше дел од сценариото Македонија да се оддалечи што е можно подалеку од евро-атлантските структури и да се изолира, за Груевски и неговата фашо-мафија непречено да владеат.

Војската е само дел од приказната. Полицијата е приватизирана и претворена во партиска војска (МВРО, ви текнува?). Приватните агенции за обезбедување (најголемата е на бате Саше, ви текнува?), имаат непознато количество оружје и опрема. Станува извесно дека кај нас виреат и паравоени банди од кои повеќето се театрални (кама-пиштол-знаме од разни периоди и земји), но некои се сигурно прилично сериозни. Етно-екстремизмот и верскиот фундаментализам и фанатизам се во пораст... Накратко, безбедноста ни е како швајцарско сирење. Следејќи ја конференцијата "Хармонизација на ЕУ системите на контрола на извозот на оружје" во Брисел, (COARM) ми станува уште појасно колку сме далеку. И сфаќам дека имаме среќа што сме мала и не многу значајна земја. Нашата безбедносна состојба е очајна и голема среќа е што не нè чинела голем број животи до сега. За тоа директно се одговорни криминалците од сега паднатата власт.

Никој не сака лоши вести. А ние сме лошата вест во светот. Често и бизарна вест. Малку нè дели од тоа да бидеме трагична вест. Не смееме да го дозволиме тоа. Не смееме да им дозволиме на криминалците да продолжат да си играат со нас, знаејќи дека токму тие ја прокоцкаа нашата безбедност, за да живеат како султани и спремни се да нè фрлат во оган, само за да се извлечат. Но, ние сакаме да бидеме добрата вест во светот. Потребна е само политичка волја (ја има), знаење (го имаме) и многу труд (работливи сме).

 

Please follow and like us: