„Не можете само политичките партии да ги обвините. Јас ги обвинувам и сиромашните, затоа што треба еднаш – засекогаш, да се стави крај на таквата политика која осиромашува, а потоа искористува. На избори треба да се гласа за оној кој ќе понуди програма што ќе стави крај на ваквото владеење и на оваа мизерија“, вели во изјавата за ЦИВИЛ Медиа, Лилјана Георгиевска, лидерка на Здружението на стечајни работници УНИТ.
ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?
ГЕОРГИЕВСКА: Можам слободно и одговорно да кажам дека политичките партии најмногу гласови добиваат токму од социјално загрозените семејства. Зошто? Затоа што тие семејства не живеат, туку преживуваат без пари, или со привремено заработени пари. Кога ќе дојдат избори, политичарите, можам слободно да кажам за овие од владејачката партија, ќе поминат, ќе поделат на секој член по педесет евра и така, си ги купуваат гласовите. На тој начин, најголемиот дел од населението во Македонија се злоупотребува. Тие не размислуваат. Во тој момент ќе ги земат парите, а потоа, наредните четири години ќе патат. Но, не можете само политичките партии да ги обвините. Јас ги обвинувам и сиромашните, затоа што треба еднаш-засекогаш да се стави крај на таквата политика која осиромашува, а потоа искористува. На избори треба да се гласа за оној кој ќе понуди програма што ќе стави крај на ваквото владеење и на оваа мизерија.
ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?
ГЕОРГИЕВСКА: Ветувањата се – да не поверуваш. Божем, рози ќе ни цутат кога ќе завршат изборите. Но, тие ветувања воопшто не се реализираат или се реализираат по партиски штабови. На пример, со два закона за работнички права, премиерот Никола Груевски на избори ветува дека ќе ги згрижи стечајните работници, но по изборите, тој врши поделба. Наместо шест илјади да бидат згрижени, помош добиваат само илјада и седумстотини стечајни работници. Пред изборите 2013-та или 2014-та, повторно вети дека законот за стечајни работници ќе биде изгласан, но по изборите, се надоместуваше штетата само на двесте до триста стечајци.
Како да им веруваме на политичарите кога само гледаат да ја наполнат касата. Мојот пример: денес, маж ми, кој на 43 години остана технолошки вишок од „Гранит“, зема 6.000 денари месечно. Од тие пари плаќаме кредит 3.000 денари. Од тие што остануваат УЈП, значи МРТВ наплаќа радиодифузна такса и ние остануваме без денар овој месец. Како да верувам? Кому да верувам? Не верувам и не може никој да ме убеди дека нешто може да се промени. Повеќе верувам на граѓанинот или на некоја граѓанска организација која навистина се бори на некој сиромашен да му помогне, на било кој начин, отколку на политичарите. Политичарите, за мене, се лажговци. Кога ќе поминат изборите, ниту те гледаат, ниту те познаваат, ниту пак, пратениците сакаат да комуницираат со тебе… Да не зборуваме за тоа дека ништо од ветеното не го исполнуваат. Мора да има промени, на некој друг да му се даде шанса. Сепак, горкото искуство кажува дека сега е многу тешко било кому да се верува.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?
ГЕОРГИЕВСКА: Последиците се огромни. Јас да сум власт, за тоа кривично ќе се одговара. Зошто? Затоа што се разнесуваат вреќи брашно, зејтин, кафе, локум…, кога има избори од сé ќе си каснеме. По изборите – ништо немаме. Да не е трагично, би било комично. Да не зборуваме за парични исплати, партиски вработувања и сето тоа е казниво дело. Но, ние, кога ќе побараме парична помош што навистина ни е потребна, како во мојот случај, градоначалникот не смее да пушти 5–6 илјади денари да се „покриеш“, да го преживееш месецот, затоа што му лепат веднаш етикета дека тоа е злоупотреба пред избори. Јас да сум на власт, ќе донесам закон за пријава на ваквото делување на партиите за време на избори.
Уште еднаш апелирам до сите граѓани да не паѓаат под нивно влијание, затоа што тие педесет евра што во моментот ќе ги земат, ги чинат четири години сиромаштија и пак, да немаат парче леб. Тоа е навистина страшно!
ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјалната правда, во политички и изборен контекст?
ГЕОРГИЕВСКА: Јас веднаш би го исфрлила Синдикатот, затоа што тој е во врска со власта. Првиот човек на Синдикатот воопшто не се заложи за категоријата на граѓани, како стечајните работници, воопшто не се заложи за сите работници. Прифаќаше секакви предлози од Владата, а никакви од работничката класа. Останува на граѓанското општество да остане вклучено, како што беше со поплавите и со сиромашните граѓани на кои им помага. Се гледа дека делуваат, треба да им сугерираат на партиите дека така не се работи. Протестите на Шарената револуција се добар пример дека граѓанското општество може нешто да измени. Тука давам голема поддршка, затоа што тоа се искрени луѓе кои навистина сакаат нешто да променат. Според мене, тие треба да се вклучат во изборниот процес, како стражари кои будно ќе го набљудуваат влијанието на партиите врз граѓаните, да отворат социјални мрежи за пријава на злоупотреби, мито, купување на гласови… Невладините организации можат да поведат сметка за овие прашања, да воведат СОС-линии за пријави и така да можат да делуваат јавно. Не е доволен само ЦИВИЛ или изборната комисија, потребно е сите здруженија заеднички да седнат и да формираат една платформа која ќе делува токму на изборите.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната правда во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.