Ристески: Граѓаните треба да ги проценат понудите и да не го „фрлаат“ гласот

„Ако ги анализираме понудите, дали директно на работниците или за некаков брз развој на Македонија преку намалување на бројот на невработени, тие се максимално нереални и  неостварливи, и тоа го покажа и периодот што измина. Ако видиме што сé им е нудено на граѓаните и на работниците, далеку сме од тоа што денес би требало да бидеме, бидејќи ништо од тоа не е остварено“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Пеце Ристески, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

РИСТЕСКИ: Ако го анализираме сиот оној период на плуралистичка Македонија, недвосмислен е заклучокот дека во различни периоди, различно се злоупотребувале од многу аспекти. Во социјалните, ранливите категории, не спаѓаат само оние кои немаат работен однос, туку и работници кои работат, а не им се исплаќаат средствата, или имаат, а не им стигнуваат за нормален живот. Посебно, работниците кои се во јавниот сектор, тие секогаш се подложни на секакви притисоци за политички цели. Недвосмислен е фактот дека во овој изминат период на самостојна Македонија, речиси во сите изборни циклуси, на разни начини биле злоупотребувани работниците, можеби не сите, но добар дел.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

РИСТЕСКИ: Ние имаме ситуација пред избори да се ветува сé и сешто и со тоа политичките претенденти да му се додворуваат на гласачкото тело, на тој начин да го придобијат нивниот глас преку кој ќе дојдат на власт. Тие ветувања се доста нереални, што очекувам да се случува и во овој изборен циклус. Ако ги анализираме понудите, дали директно на работниците или за некаков брз развој на Македонија преку намалување на бројот на невработени, и така натаму, тие се максимално нереални и  неостварливи, и тоа го покажа и периодот што измина. Ако видиме што сé им е нудено на граѓаните и на работниците, далеку сме од тоа што денес би требало да бидеме, бидејќи ништо од тоа не е остварено.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

РИСТЕСКИ: Последиците по работниците и граѓаните се поединечни и колективни. Затоа што ветувањата за масовно и квалитетно вработување кои обезбедуваат некаква сигурна егзистенција, не може да се реализираат според ветувањата и според очекувањата на вработените. Капацитетот и на државата и на државните институции, на она што се вика стопанство, се независни од ветувањата и очекувањата, така што не можат да се реализираат непродуктивни вработувања. Последиците, секако се негативни во однос на реализацијата и она што било ветувано во предизборните циклуси.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјалната правда, во политички и изборен контекст?

РИСТЕСКИ: Сите носиме одговорност на граѓаните и на работниците да им ги презентираме реалните очекувања во оваа ситуација во која се наоѓа Македонија. Без разлика кој ќе дојде на власт, реално не може многу да се очекува. И со најдобри желби и со најдобри програми, таа власт што ќе дојде, нема шанса да ги оствари тие ветувања. Заради тоа, ние мора да допреме до свеста на секој граѓанин, сите понуди што ги даваат политичките партии - претенденти за власт, реално да ги процени дали се остварливи или не. А не само онака, на голо, да се прифати тоа што го нудат, дека кога ќе дојдат на власт - ние ќе го добиеме.  Знаеме дека ветувањата се секогаш поголеми од она што реално може да се очекува. Со својата активност мора да им ставиме до знаење на синдикатите, невладините организации, без разлика дали се работи за младински или со други таргетни групи, социјални, на пример, дека реално треба да се проценува секоја понуда, а не да се прифаќа таква како што е, и да се голтне. Така да се даде гласот, значи фрлен глас, а утре ќе се разочарате од тие нови власти кои понудиле многу, а малку реализирале.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

 

Please follow and like us:

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW