Кога ќе застанеш на сцената и ќе погледнеш – кон исполнетиот простор и преполните улички кои водат кон неа, кога ќе видиш насмеани луѓе, ќе чуеш џагор на повеќе јазици, млади и возрасни, како здружено пеат и танцуваат во ритамот на слободата, знаеш дека целта е постигната…
На прв поглед, скверот „Јадран“ се чинеше претесен за да ги прифати сите посетители, но токму тој негов интимен шарм, придонесе уште повеќе – позитивната енергија брзо да ги маѓепса сите кои присуствуваа на последниот голем мултимедијален настан на Караванот на слободата во Скопје.
Пораките за слобода во секоја смисла, пренесени преку песна, насликани на многуте платна и изговорени преку стихови, допреа до многубројната публика, не оставајќи ја рамнодушна за ниту еден миг.
Настапот на Кристина Арнаудова го отвори спектаклот, а нејзината несебична и искрена поддршка, како и спонтаноста и комуникацијата со публиката, придонесе за разгорување на атмосферата. Следуваа перформансите на Бени и Нон Стоп, Мугер Фугер, Лилит и Амон Мра, Тони Зен и Шутка Рома Рап…Секоја наредна песна измамуваше уште повеќе аплаузи, а скопјани се забавуваа и танцуваа до раните утрински часови. Вистинска бура од емоции и аплаузи предизвикаа и поетските читања на Рина Јанкуловска, Елена Пренџова, Дијана Тахири и Дарко Лешоски.
Еднакво емотивна и разиграна беше и атмосферата зад сцената, каде тимот на ЦИВИЛ го заокружи сето она што се случуваше изминативе три месеци. Во тие неколку часа, заборавија на сиот замор, сите непроспиени ноќи, илјадниците километри поминати низ земјата, со една единствена цел – СЛОБОДА за сите граѓани на Македонија!
Дефинитивно, она што го доживеаја тие што беа присутни на скверот „Јадран“, беше повеќе од концерт. Настан, за кој долго ќе се зборува.
Голема благодарност до стотината уметници, без кои овој Караван немаше да биде тоа што е. Благодарност и до целиот тим, кој неуморно работеше на реализација на овој патувачки фестивал во изминативе неколку месеци. И на крајот, секако, благодарност до сите посетители и поддржувачи на нашата заедничка идеја! Она што ни останува е да ви ветиме дека Караванот на слободата не запира тука, тој ќе постои и понатаму и ќе понуди уште многу содржини за сите љубители на уметноста, за сите оние што сакаат да живеат и создаваат слободно!
Маја Ивановска
Фото: Биљана Јордановска