Тематскиот форум „Тајните на успешното мобилизирање“ што се одржа вчера во Едукативниот центар – М6, во организација на Цивика мобилитас, отвори простор за размена на знаења и искуства, како и дискусија за мобилизација на граѓаните за важни општествени прашања во Македонија.
Панел-дискусијата беше поделена на две тематски единици посветени на меѓународни примери и искуства, како и на домашни позитивни примери. Во рамките на првиот дел од дискусијата, каде говорници беа Сајмон Форестер, експерт во Цивика мобилитас со над 25-годишно искуство, Јагода Муниќ, претседател на најголемата светска еколошка мрежа Friends of the Earth International и програмски координатор во Зелена акција – Загреб и Алексеј Бузу, директор на Центар за развој на партнерства (Молдавија), се споделија знаења и искуства преку примери од меѓународните организации.
Вториот дел од дискусијата беше посветен на домашните организации и нивните позитивни искуства. Во овој дел од дискусијата учествуваа претставници на Црвениот крст на Република Македонија, КХАМ Делчево, Левичарското движење „Солидарност“ и Организацијата на жени на општина Свети Николе.
На дискусијата се отворија прашањата за тоа што претставува мобилизација на заедницата и нејзината важност за граѓанското општество. Форестер говореше за најчестите и најголемите грешки што ги прават организациите во процесот на мобилизирање на заедниците.
„Најчестата грешка на организациите во продесот на мобилизирање е краткорочноста. Процесот на мобилизација е долгорочен процес. Многу е важно за организациите да размислуваат долгорочно. Денес е тешко да се мобилизираат граѓаните. Сите ние сме, пред сé, луѓе и најсреќни сме кога при процесот на мобилизација имаме некаква корист. Затоа организациите секогаш мора да размислуваат за тоа зошто се мобилизираат луѓето и кој е бенефитот потоа. Придобивката доаѓа по краток рок, ако настапуваш индивидуално, меѓутоа, резултатот за некоја иницијатива е долг процес. Мобилизирањето на граѓаните не треба да се сведува едниствено на личен интерес, туку да опфати еден поширок општествен контекст“, изјави Сајмон Форестер за ЦИВИЛ Медиа.
„Само преку мобилизирање и активирање на граѓаните може да дојде до некакви промени и треба да се соработува со сите, со различни сектори за некаква кампања. Нашето искуство е дека кога ги мотивирате луѓето и кога им внесувате позитивна енергија, тие самите приоѓаат и создаваат некаква сила и надеж дека и политичарите почнуваат да слушаат. Друго, во нашиот регион често луѓето кажуваат дека ништо нема да се смени, и поради тоа се многу депресивни од политичката ситуација во сите земји од регионот. Тие велат дека ништо не може да се направи, напротив, како поединец може да се посегне по нешто и ќе стигне до ѕид, затоа треба да се здружат сите заедно и да работат“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Јагода Муниќ, претседател на Friends of the Earth International (Амстердам) и програмски координатор на Зелена акција – Загреб.
„Предизвик е да се мобилизира некоја група која што е маргинализирана, потешко се доаѓа до нив, но не е невозможно. Ние треба да се трудиме да дојдеме до нив и да го промениме нивниот начин на живеење и размислување, меѓутоа, треба брзо да делуваме во спротивно тие го губат интересот доколку се одолговлекува некоја работа“ вели Алексеј Бузу, директор на Центар за развој на партнерства (Молдавија).
По панел дискусијата која се одржа во амфитеатарот на Едукативниот центар М6, се одржаа неколку практични работилници за методологиите на мобилизирање, одржливоста на мобилизираните групи и надминување на ограничувањата и предизвиците.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента