За дебатата „Градоначалниците и слободата“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со исти прашања со градоначалниците Илчо Захариев (Штип), Ратко Димитровски (Кочани), Изет Меџити (Чаир) и Андреј Жерновски (Центар).
Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев (ВМРО-ДПМНЕ), потенцира дека тој и локалната власт имаат целосна автономија во донесувањето и спроведувањето на одлуките, дека оставруваат извонредна соработка со државните институции, а дека тој лично е секогаш подготвен и отворен за разговори со граѓаните и за прифаќање на нивните идеи и визии…
ЦИВИЛ Медиа: Имаат ли градоначалникот на Штип и локалната власт слобода во одлучувањето и автономија во спроведувањето практики и политики на локално ниво? Колку сте изложени на притисоци од централната власт или од раководството на Вашата партија?
ЗАХАРИЕВ: Раководењето на општината е во надлежност на градоначалникот и на Советот на Општина Штип. Значи, ние работиме во една симбиоза, затоа што Советот на Општина Штип ги носи програмските документи, комплетно усвојува акти. Тие ги објавуваме во „Службен гласник“, и потоа, јас треба да ги реализирам. Значи, никој друг не е надлежен за реализација на општинската програма, затоа што општинската програма ја прави општината, ја прави градоначалникот, советот и еден локален буџет. Врз основа на тој буџет, ние комплетно ги реализираме нашите активности. На почетокот на мандатот, јас според програмата, имав некаде околу 129 проекти. Програмата ја надградив и завршив, некаде околу 400 проекти…
Никој не може да влијае врз моите проекти, освен граѓаните кои ја креираат и мојата политика и моите активности. Всушност, желбите на граѓаните во овој град се она што ја дефинира рамката во која ние се движиме, нивните локални проблеми и потреби, дали се тоа асфалтирање на улици, канализација, тротоари, улично осветлување, спортски терени, паркови или други инфраструктурни објекти, тоа е наша локална работа… Мене никој од централната власт не ми диригира што да работам во Општината. Нормално, имаме проекти што се заеднички со Владата. Тие проекти ги работиме заедно со министерствата, конкретно, со Министерството за култура го работиме „Макфест“. Општината финансира 60 отсто, а 40 отсто финансира Министерството за култура. Логично и нормално е, да речеме, да соработуваме околу изборот на композиции, околу наградите, изведувањата… Носиме детални урбанистички планови. Генералните урбанистички планови ги работиме заедно, во соработка со Министерството за транспорт и врски. Со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието аплицираме со проекти и не следат со финансиски средства. Тоа се многу значајни сегменти. Соработуваме со Агенцијата за млади и спорт…
Инаку, никој не може да одлучи како нашиот Совет да носи одлуки. Советниците си работат самостојно. Дури и јас не им вршам притисок како градоначалник. Тоа е единствена општина каде соработката на сите советници на Советот, без разлика дали се позиција или опозиција, работат за добро на градот Штип. Ние имаме голем број одлуки што ги носиме едногласно. Затоа што ако нешто е добро, ако некој проект е коректен и корисен за граѓаните, јас не ја гледам логиката зошто Советот да гласа на поинаков начин. Досега не сум имал никаков притисок од никого. Нормално, соработувам со партијата, затоа што таа си има своја програма. Мојата програма е дел од таа програма која ја реализираме и засега мислам дека големите инфрастуктурни објекти и проекти кои ги работиме, едноставно бараат соработка со највисоките органи на власта.
ЦИВИЛ Медиа: Дали и како во Вашата општина се поттикнуваат заложбите за почитување на слободата и граѓанските права?
ЗАХАРИЕВ: Морам да истакнам дека јас сум градоначалник кој доаѓа на работа во пет часот наутро. Како што видовте, јас немам секретарка и кај мене од пет часот доаѓаат сите граѓани кои имаат потреба да им се реши некој проблем. Секој што доаѓа во Општината, мора да влезе кај мене. Секој што има проблеми со моите службеници, мора да има отворена врата овде за да има каде да се пожали. Секој што изложил некоја идеја е примен од моја страна! Така функционирам веќе три ипол години. На одмор не одам, јас сум постојано на терен, се наоѓам во секоја урбана заедница, таму каде градиме и инвестираме, ако треба и три пати во текот на денот. Јас така функционирам цело време и лично мислам дека барем засега, сите групи на граѓани во нашиот град, сите националности се подеднакво испочитувани. Дури на почетокот на мојот мандат, градев најмногу во ромско маало, затоа што ценев дека таму треба да се направи комплетна инфраструктура. И верувајте, дека за три ипол години сработивме толку многу, што во овој миг, кога правиме анализа за заразни болести во нашиот град, во делот на хигиената, констатиравме дека некои заразни болести, како хепатит А, којшто порано го имавме – веќе е минато.
ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие лично, како градоначалник, во водењето на Општината (ќе) нудите простор за артикулирање на слободите и правата на граѓаните на локално ниво?
ЗАХАРИЕВ: Јас во текот на денот ги посетувам заедниците. Ние постојано имаме средби со граѓаните во урбани заедници каде тие ги испитуваат проблемите. Во текот на деновите кои изминаа, упативме јавен повик до граѓаните да достават нивни визии и проекти кои би ги инкорпорирале во Програмата за 2017 година и истовремено со нив, заеднички би го креирале буџетот. Тие беа објавени преку медиумите на Општина Штип, но верувајте дека голем број граѓани лично донесуваат свои идеи, и преку Фејсбук страницата даваат свои предлози. Наскоро, ќе имаме заеднички средби во големата сала на Општината. Ако граѓаните сугерираат дека нешто е потребно и добро, ние тоа го прифаќаме. Доколку критички се однесуваат за некој проект, мислам дека треба тоа да го прифатиме, затоа што е апсурд – ако поголемиот дел од граѓаните мислат дека нешто не е добро, ние да ги убедуваме во спротивното. Така што, засега, не сме промашиле со ниту еден проект. Всушност, тоа се проекти кои ги решаваат животните прашања на нашите сограѓани.
Текст и камера: Моника Талеска
Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.