На 11 декември, денот на изборите многу граѓан(к)и излегуваa со лични карти, од управните служби на полициските станици во Прилеп и Охрид. Според информациите од МВР, ова е нормална процедура за граѓани, чии што лични карти им се со поминат рок на важност, и за оние кои што во редовна процедура поднеле барање, па документите им биле готови ден пред или на денот на изборите. Но, она што го регистрираа набљудувачи на ЦИВИЛ-Центар за слобода, отвора една друга перспектива, која упатува на сомнежи за повторна манипулација на социјално загрозени граѓани од страна на одредени политички партии.
Во Охрид, според набљудувачи на ЦИВИЛ, им се издавани личните карти на одредени граѓани бесплатно. Извори на ЦИВИЛ, тврдат дека тоа било случај и во Прилеп, каде е регистриран зголемен број лица, кои во периодот меѓу 13 и 14 часот излегуваат од полициската станица.
„Пред полицијата беше паркиран џип, а во него беа членови од една партија. Имаше и патничко возило, за кое со сигурност се знае дека припаѓа на лице се занимава со лихварство. Оваа беше ситуација, што ја набљудувавме во петокот. Граѓаните доаѓаа пред полиција, лице од џипот им даваше комплет документи, барање со платена сума, што значи покриени трошоци за лична карта и тие документите ги носеа во полиција. А, кога ги земаа документите во неделата, му ги предаваа на еден советник. На ова,јас сум очевидец“, тврди извор за ЦИВИЛ.
Тој истакнува дека многу од овие граѓани имаат лични карти на адреси на кои не живеат. Екипа на ЦИВИЛ по пријави од набљудувачите, ги направи овие фотографии. Тие се потврда дека од полициската станица излегуваат граѓан(к)и, (жители на населбите Тризла и Три багреми) со лични карти во рацете.
Од МВР очекуваме одговор, што точно се случуваше, пред полициските станици во Прилеп и Охрид во овој изборен викенд и точен број на издадени лични карти. Побаравме и одговор, дали полицијата извршила проверка на податоците на овие граѓани. Колку тие реално живеат или не живеат на конкретните адреси наведени во личните карти?
Ова особено затоа што, одредени случувања упатуваат на сериозни сомнежи дека вработени во полициските станици во Македонија, не ги извршуваат работните задачи во координација со нивните претпоставени во Министерството.
ЦИВИЛ пред изборите документираше случаи на граѓани, жители од населбата „Три багреми“ во Прилеп, кои не кријат дека им се издадени лични карти на адреси од напуштени куќи и на адреси од нив роднини.