Заеднички состанок со делегација на Европската синдикална конфедерација (ETUC) и со европските синдикални федерации во Македонија, заедничка мисија во првата половина на фебруари, со цел изнаоѓање можни решенија за излез од кризата во која тоне Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), согласно со европските вредности. Ова го предлагаат европските синдикати сериозно загрижени поради актуелните случувања во најбројната македонска синдикална асоцијација во Македонија.
„Многу сме загрижени од сите информации, кои што ги добивме во последните неколку денови, за продлабочување на кризата во ССМ, што започна со обидот на Советот да го отповика претседателот на ССМ и продолжи со исклучување на четирите синдикати од Сојузот и консенквентно, со исфрлање од нивните канцеларии од зградата на ССМ“,реагираат Европската синдикална конфедерација (ETUC) и трите европски сојузи – Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор (EPSU), Европската федерација на индустриски синдикати (Industriаll Еuropa) и Европската федерација од земјоделство и прехрана (EFFAT).
Посочувајќи на актуелните турбулентни случувања во најбројната синдикална асоцијација во Македонија, во ССМ, го изразуваат своето уверување дека овие настани се штетни за македонското синдикално движење, воопшто. Затоа апелираат да се најдат подобри начини за разрешување на контроверзите во ССМ, транспарентно и демократски, без насилство и со меѓусебна почит. Европските синдикати изразуваат длабока загриженост за конфликтот меѓу раководството на ССМ и четирите гранкови синдикати.
„Ве поттикнуваме веднаш да ги запрете овие ескалирачки борби и да не се попречувате, еден со друг во извршување на синдикалните активности. Ова значи дека ве повикуваме веднаш да воспоставите ‘статус кво’ и да се воздржите од какви било активности, од денеска па натаму“, апелираат до ССМ, европските синдикати.