Околу 270 ученици од основното училиште „Мирче Ацев“ во долненското село Лажани, втор ден не следат настава, бидејќи нема елементарни услови за тоа. Советот на родители реагира и бара Општина Долнени и градоначалникот Боше Милошевски да преземат итни мерки да се ублажи состојбата. Во спротивно, тие стојат категорично на ставот дека учениците ќе ја бојкотираат наставата сѐ додека не се санираат училиштето.
„На 10 октомври минатата година остваривме средба со градоначалникот Милошевски на која ги пренесовме нашите реакции и забелешки. Училиштето не е варосано 8 години, а да не зборуваме за искршениот инвентар и сите други проблеми со кои во детали е запознаен градоначалникот. Но, до денеска ништо не е преземено. Веќе два дена никој од Општина Долнени, не нѐ ни прашал зошто протестираме, и не ги пуштаме децата во училиште“, вели Мирсад Колашинац, претседател на Советот на родители.
Жителите на селото Лажани се вознемирени и очекуваат решавање на проблемот. ЦИВИЛ Медиа го контактираше и директорот на училиштето Даут Љаиќ, но тој одби да даде каков било коментар, прекинувајќи ја телефонската линија.
Градоначалникот Милошевски, пак вети дека ќе оствари средба со родителите и дека ќе преземе мерки за санација на училиштето.
„Точно е дека ова училиште не е во добра кондиција. Јас ќе остварам секако средба со родителите и верувам дека ќе најдеме решение. Освен што ќе побараме помош од Министерството за образование, Општина Долнени и во рамките на својот буџет ќе оддвои средства за санација на ова училиште, со цел наставата да продолжи да функционира непречено“, изјави градоначалникот Милошевески.
Во Општина Долнени има вкупно 7 основни и 15 подрачни училишта, во кои следат настава околу 1.700 ученици. Состојбата во повеќе училишта е лоша и неопходна е нивна што поскора санација.
М. Талеска