Бесплатен возен билет за млади, уште да има доволно места!

Железничка станица во Прилеп. Изутрина 05:45 часот, 06, февруари. На перонот чекаат со надеж десетици млади до 27 години, за да ја искористат привилегијата што им ја даваат Македонски железници, со реализација на проектот, дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Бесплатен билет до Скопје. Да! Но, уште да има доволно место. Доаѓа брзиот воз. Турканица, кој да влезе прв, кој да зафати место, зашто од Битола веќе е преполн со студенти, со млади, но и возрасни луѓе кои во оваа сиромаштија, домашниот есап ги принудува наместо со автомобил, да патуваат со воз.

 

А, овие нови возови, дизел-моторни гарнитури, како што потврдуваат од Македонски железници, располагаат со 182 седишта и уште 316 места за стоење. Но, оној што патува знае, дека 316-мина можеби би собрало во овој воз, но само под услов, да си дишат во врат, да се стиснат еден до друг, и никако да не носат багаж. Зашто, во оставите над седиштата не може да се соберат 496 куфери и патни торбици наполнети со облека и храна за студентите.

Студентите нервозни, сé уште сонливи, треба на една нога да висат од Прилеп до Скопје, цели два часа. Макар и без пари, со прескромен буџет, избираат да се откажат од намерата. А, секако, многу други не можеа ниту да купат билет, зашто беа известени дека веќе нема слободни места.

Што се случи? Наместо на пат за Скопје, многу од нив, заминаа натоварени кон автобуската станица, која среќа се наоѓа во непосредна близина. Но, и таму автобусите кои сообраќаат на релација Прилеп-Скопје, се со ограничен број.
Оние што имаа среќа, купија повратен билет за 500 денари, сигурни дека ќе стигнат до Скопје, иако за враќање неизвесно е дали ќе имаат седиште или место за стоење, за истите пари.

Оние кои не сакаат да ризикуваат, кои се понетрпеливи или едноставно, на кои им е преку глава ваквата нервоза, секој прв и трет викенд, кога наводно може со воз да патуваат бесплатно до Скопје, избираат да бараат такси превоз. Влегуваат по четворица во такси, си ја делат сумата, па така, сега патот до Скопје во еден правец ги чини 500 денари.

Немаат избор. Според есапот на студентите, подобро е безбедно и човечки да стигнат до Скопје, а за сметка на „бесплатниот билет“ што им го вети ВМРО-ДПМНЕ, што ги чини 500 денари во еден правец, ќе „штедат“ на храна. По еден оброк помалку, „тоа е добро и за здравјето“, се шегуваат поведрите студенти.

Но, што стана со изборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за студентите, дека секој прв и трет викенд може да патуваат бесплатно со воз? Од Македонски железници велат дека четири нови возови, во пар, се на располагање од петок напладне до понеделник изутрина. И потенцираат, „толку е капацитетот“!
Имајќи ги предвид бројните изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, кои се чисто фијаско, не треба човек ни малку да се изненади ниту од ова! Но, не треба ли барем да се има повеќе совест и одговорност кога зборуваме за млади луѓе, за студенти, кои навистина живеат со прескромен стандард.
Крајно, многу од нив и само поради ваквите изборни флоскули, го дадоа својот глас за ВМРО-ДПМНЕ. Некои се шегуваат во стилот, „еден глас - само за едно патување“! Да, апетитите на ВМРО-ДПМНЕ се мегаломански.

Моника Талеска

Green CIVIL

FREE
VIEW