„Меѓународниот ден на социјалната правда, во Македонија не се одбележува! Тивко се споменува и се продолжува со борбата за преживување. Во земја во која граѓаните се дават во сиромаштија и невработеност и каде спомениците се повредни од човековиот живот, во нашата социјална држава која на најбогатите им дозволува да не го оданочуваат своето богатство, а најсиромашните, примателите на социјална помош од 2.500 денари, ги бетонира под прагот на сиромаштија, во држава во која сите се задушуваме од загадена животна средина…, тешко е воопшто да се помислува на правда“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Билјана Дуковска, претседателка на Македонската платформа против сиромаштија (МППС), по повод 20-ти Февруари, Меѓународниот ден на социјалната правда.
Низ светот денеска се одбележува 20-ти Февруари, Меѓународниот ден на социјалната правда. Во Македонија, државата во која социјалната правда (како и правдата, воопшто, социјалната грижа за жителите и правната држава, впрочем) сé уште се цели на интерес, пред сé, на граѓанскиот сектор – громогласен молк. Државните институции како и обично, „не се оттука“, партиите во кусиот меѓуизборен период се презафатени со висока политика, а синдикатите – ним им е веројатно студено, за готвење грав на отворено, како што обично го одбележуваат 1 Мај… Сиромашните, социјално исклучените, оние крајно маргинализираните и заборавени од државата…, се колнат во полните контејнери.
„Долго време се занимаваме со состојбите поврзани со сиромаштијата и во 2016 година работевме на документ за јавна политика во која констатиравме дека постојниот Закон за социјална заштита не врши превенција и не ги извлекува луѓето од сиромаштија и од социјална исклученост, туку, напротив, ги бетонира примателите на социјална парична помош, под прагот на сиромаштија и не им овозможува нивно активно учество во ниту една општествена сфера. За жал, сиромашните се само дел од 65-те проценти од вкупното население, кои не можат да се соочат со непредвидени трошоци, а она што го имаат како приход, им обезбедува единствено тековно преживување! Но, не и справување со ризик од типот на здравствени ризици, или какви било други“, потенцираше Дуковска во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.
МППС, изработи документ за јавни политики, со наслов: „Социјалната заштита во Република Македонија: Како до систем по мерка на секој граѓанин“, каде се вели: „За да излеземе од овој круг на неправда, ние предлагаме да се направи реформа во социјалната заштита во Република Македонија и да се воспостави систем по мерка на секој граѓанин. Сметаме дека тоа може да се случи само преку комбинација од измени на Законот за социјална заштита, воведување адекватен минимален приход, зголемување на социјалната превенција и поддршка, градење на инклузивен пазар на труд и спроведување на праведна даночна политика“.
Марија Теговска