Скопје ги надмина ЕУ стандарди за аерозагадување за годинава, иако не изминал ни вториот месец во годината. Овој факт е уште еден срамен потсетник за еколошката и здравствената катастрофа со која што се соочуваат граѓаните на македонската метропола.
Според евростандардите во текот на 24 часа е дозволена максимална концентрација на ПМ 10 честички во висина од 50 µg (микрограми) на метар кубен. Во ЕУ, дозволениот број на надминувања на лимитите за PM10 честички е 35 денови во една календарска година. Во Скопје, на сите мерни станици овие лимити се надминати, иако денеска е 20-ти февруари, па до крајот на годинава остануваат повеќе од 10 месеци.
Подолу во табелата, објавена и на сајтот на Министерството за животна средина се дадени вкупниот број на надминувања на 24 часовните гранични вредности (50 µg/m3) за PM10 честичките (броено во денови), на секое мерно место во Скопје за тековната 2017та година:
Станица | Вкупен број надминувања (до 20.02.2017)1 | Дозволен број на надминувања годишно2 |
Центар | 41 | 35 |
Карпош | 40 | 35 |
Лисиче | 45 | 35 |
Гази Баба | 45 | 35 |
Ректорат (УКИМ) | 46 | 35 |
Миладиновци (Општина Илинден) | 42 | 35 |
„Светска Банка проценува дека во Македонија од загадениот воздух годишно гинат 1,350 граѓани, што значи дека секоја година ни се случува таканаречен екоцид .Апелираме до локалните и централните власти за итни и одржливи мерки за подобрување на воздухот во Скопје и низ цела Македонија. Апелираме до граѓаните да користат јавен превоз, велосипед или да споделуваат превоз (3-4 луѓе во кола)“, реагираат од заедницата на еко-активисти, „Скопје Смог Аларм“.