Изминатиот викенд во Скопје загаденоста на воздухот беше десетици пати над дозволеното! Максималната концентрација на ПМ10 честичките беше највисока во Карпош од 1218 микрограми по метар кубен. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, воведе бесплатен јавен превоз на сите граѓанки и граѓани на Скопје, сé додека не се расчисти загадениот воздух и ги повика градоначалниците од скопскиот регион да им помогнат на Јавното сообраќајно претпријатие и приватните превозници?!
Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, на 25 јануари до Владата предложил мерки за намалување на загадувањето на воздухот, со воведување сообраќаен режим пар-непар и со тоа пто сите државни и јавни институции за 50 отсто би го намалиле користењето на службените возила.
По десетина дена од предлогот на министерот Амети, од Владата нема одговор, а од Град Скопје информираат дека заради сегашните прописи нема да се воведе пар-непар. Но, апелираат до надлежните министерства – за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство, да предложат измени во законот за да може да се спроведе оваа мерка.
„Градот Скопје изминатите денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 36 инсталации, со мерење на емисијата на ПМ10 честичките. Притоа, утврдено е дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности“, изјави Трајановски.
Од Град Скопје, велат и дека викендов спровеле инспекциски надзор во сите топлани, во Топлификација АД – Топлана – Скопје Север, Балкан Енерџи Груп, АД ЕЛЕМ Енергетика, Топланата на Клиничкиот центар и Топланата на Болницата „8.Септември“ и се покажало дека сите посочени топлани работат исклучиво на гас, што значи дека не загадуваат и не поседуваат никаква залиха на мазут или нафта.
„Доколку дозволат временските услови, Градот Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството – калциум магнезиум ацетат. Апелирам до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на Градскиот инспекторат“, тврди градоначалникот Трајановски.
Тој побара од МВР да ги зајакне контролите на почитување на забраната за тешки товарни возила. Комуналните инспектори на Град Скопје досега изрекоа 12 казни на компании кои не ги почитуваа одредбите.
Во долгорочниот план на Град Скопје се зацртани мерките за наредните десет години кои предвидуваат забрана за греење на дрва, секаде каде што има мрежа за централно парно греење, задолжително поврзување на новите објекти кон топловодната мрежа, забрана за горење отпад и греење на јаглен, субвенции за печки на пелети… Планот предвидува и зони на ниски емисии во Скопје, бесплатен јавен превоз во средините со високо загадување, обезбедување паркинг за возилата исклучени од сообраќај, засилено чистење на улиците, достава на стоките до 7.30 и по 18 часот.
Друга мерка е времето за пренос на багери, булдожери и виљушкари до градилиштата, кое е ограничено до 7.30 часот, како и контрола дали се користи обиколницата од тешките товарни возила, чија крајна дестинација не е Скопје.
Во врска со ложиштата за греење во домаќинствата и индустриските капацитети, краткорочниот план предвидува зголемени инспекциските контроли како на оџаците во објектите и во индустриските и занаетчиските постројки, така и на субјектите што управуваат со отпадни гуми и масла и на градилишта. Јавните собири на отворено ќе се откажуваат и ќе се препорачува намалување на температурата во јавните згради.
Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во агломерацијата Скопски регион е изготвен со поддршка на твининг-проектот финансиран од Европска унија.
Граѓан(к)ите и невладините организации за заштита на животната средина, најаваат протести доколку за краток временски период не се расчисти загадениот воздух.