Крушево, сончев априлски ден, 2о17 г. На Гумење, празно и пусто. Сувенирницата е отворена, но нема туристи за да купат некој предмет за спомен од градот што некогаш беше синоним за туризам. Воздухот е чист, свеж, пријатен. Неизбежна е посетата на гробот на Тоше, а таму ништо не е сменето. Ни делче поместено што ќе асоцира дека навистина ќе се остварат најавите на надлежните, со коишто ќе се стопира тонењето на гробот, на вечното почивалиште на македонската поп-икона и дека ненадминатиот амбасадор на македонската музика и култура во светот ќе добие поадекватен третман.
На патот кон Македониумот, сретнавме неколкумина млади крушевчани, кои се тука за викенд, па одлучиле токму на платото пред споменикот, да минат дел од прекрасниот пролетен ден. Во тек се градежни активности (што почнаа во август минатата година) за реконструкција на споменикот Илинден-Македониум, со цел да се спречи неговата натамошна девастација. Четирите платформи: Пранги – Раскинато ропство, Криптата (гробницата), училницата и самиот споменик, ќе се реновираат во период од две години.
А, наспроти овие градежни активности, долу под патот, оставен на забот на времето е Музејот на НОБ. И никој не покажува интерес за овој објект, што неповратно се уништува. Во близина на импровизираната кафеана, сретнавме тројца крушевчани, кои муабетеја со чашка ракија на убавото време. Не се согласија да ги фотографираме, инсистираа на целосна анонимност, откако ја поделија маката што Крушево се пусти нагло.
„Нема живот овде. Младите одамна заминаа. Се иселија. Има, по некој, ќе најдеш сѐ уште, само ако родителите не сакаат да го пуштат да си замине по бродовите, или пак, ако сега завршил средно училиште или факултет, и уште има надеж дека ќе биде подобро. Но, сѐ додека не отворат фабрики, додека нема работа, овде живот нема“, ни рече највозрасниот соговорник.
Другите двајца, на возраст од 40 до 50 години, револтирани ни ја раскажаа маката на својата генерација.
„Оние што се на наша возраст, немаат избор. Работа не можеш да најдеш, живееш со парите од родителите, со нивната пензија, а тие што се на возраст од 20 до 35, или 40 години, одамна заминаа. А бре, се испусти градот, никој не води есап за нас граѓаните. Политичарите? Кому му е реално грижа за Крушево? Никому! Ќе дојдат за избори, ќе протрчаат, ќе ветат ова-она и потоа никому-ништо. Пак исто. Уште некоја година ако не се сменат работите, градот сам од себе ќе изумре“, смета едниот соговорник.
Другиот пак, тврди дека има надеж, само доколку брзо се формира нова влада.
„Мора да прекинат политиките горе во парламентот. Нека формираат нова влада и доста е, ајде нека тргне државата, а и ние со неа. Вака не се живее веќе! Неподнослив е овој живот. Нема што да се кажува за Крушево, овде ништо добро не се случува, чмаење по куќите, се ретчиме, улиците се празни, народ нема, млади нема, што очекуваш од тој град без младина“, заклучува овој крушевчанец.
Упатувајќи се кон центарот на градот, со надеж дека ќе доживееме дел од шармот на некогашно туристичко Крушево, сретнавме две пензионерки, желни за муабет.
„Ама што да кажам, ништо добро нема овде. Едното дете ми е во странство заминато, по работа, по подобар живот, а другото работи во близина. Ама како да се врзи крај со крај, кога нема пари, кога сѐ е скапо, а децата треба да се школуваат, да напредуваат. Јас имам пензија од едвај 10.000 денари, а половината ги давам за огрев. И како да живеам? Никако! Разочарани сме, нема живот. Кога не може чедото да ти дојде дома за Велигден, да му се порадуваш, живот ли е тоа… Секоја куќа тагува по своите најмили, зашто заминаа да бараат леб по други држави“, вели Марија Димитрова.
Наспроти црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, дел кафулиња се отворени, ама повеќето се затворени. Случајни гости уживаат со кафе и пијалок и муабетат за времињата и невремето. Меѓу нив се и граѓани кои одамна се иселиле во Скопје, но викендите ги минуваат во родното гратче.
„Не е ништо подобро, само на полошо оди. Но, родно место ни е, не може човек да не дојде. Секој сака, особено за празници, да седне со најблиските, на една трпеза. Ама секој пат сме сѐ посвесни дека се потребни радикални промени, доколку навистина се има намера градот да заживее. Без сериозна стратегија за развој на туризмот, којашто нема да остане во фиока, туку ќе доживее своја практична реализација, Крушево е на добар пат да ги загуби урбаните карактеристики“, ни рекоа дел од крушевчаните кои ги сретнавме, во првото кафуле на влезот од старата чаршија.
Иако пусто, ова гратче секогаш плени со својот шарм, што извира од звукот на чекорот по калдрмата, од мирисот на локумот што се подготвува, тука во малите работници на неколкумина познати производители на локум, но и на целувки. Фрапираат со својата раскошна убавина старите крушевски куќи, кои датираат и пред Илиденското востание, и чии сопственици љубоморно ја чуваат изворната внатрешност и архитектура. Фасадите на дел од нив се реновирани со средства од Министерството за култура.
Минувајќи крај автобуската станица, каде за жал не забележавме ниту еден патник, во прекрасното априлско попладне го напуштивме Крушево, со прочистени бели дробови, но и со тага, зашто највисокото гратче на Балканот, полека изумира.
Текст и фото: Моника Талеска