„Во Македонија нема социјална правда, ние заборавивме како е да си помагаме меѓусебно!“, одговара еден охриѓанец, на анкетата која ЦИВИЛ – Центар за слобода ја спроведе во Охрид. Охриѓан(к)и зборуваат за социјалната правда и за говорот на омраза.
„Говорот на омраза е вештачки создаден“, ни вели еден соговорник, а друг дополнува дека најчесто, говорот на омраза е „на политичка база“.
Охриѓани велат дека немаат проблем да живеат со сите националности, дека меѓу нив нема омраза и дека политичарите се тие кои вештачки ја создаваат омразата!
Еден од анкетираните тврди во Македонија сè уште нема социјална правда и дека не верува оти овој проблем некогаш ќе се реши. Единствената соговорничка која одговараше на нашите прашања, кога го слушна прашањето „Дали во Македонија има социјална правда“, револтирано ни одговори: „Јас си знам што е социјална правда!“.
„Социјална правда има само за оние кои трчаат за некоја партија“, вели еден од анкетираните, според кого, „кога има избори ќе се покажат на телевизија дека помогнале некому и потоа, ги забораваат“.
Новинар и монтажа: Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Анкетата е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.