Пробиштипски рудар зборува за ЦИВИЛ Медиа за условите за работа во рудниците во Македонија. Тој прави паралела меѓу рударството во Македонија и во Србија каде работел последните години, пред да замине во пензија.
[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=7ZANir55vyE[/embedyt]
„Голем број македонски рудари, стотина, а може и повеќе, се во рудниците во Србија. За жал, уште работат таму. Таму оди поквалификуваната работна рака. Самата ситуација со македонските рудници доведе до тоа да се бега и да се работи за парче леб во рудниците во Србија. Таму е посредено, порекласирано, повеќе се почитува законот за рударство“, вели за ЦИВИЛ Медиа, рударот од Пробиштип кој сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека во Србија платите се многу подобри, некогаш дури и дупло поголеми, и дека повеќе се води сметка за вработените.
„Тука условите за работа се на многу ниско ниво, нема заштита на работниците. Тука не постои синдикат, а во Србија синдикатите се на многу високо ниво. Се води грижа за вработените. Особено рударскиот синдикат е фактор кој се слуша и во Владата и секаде. Многу работи решава синдикатот. Тука нема ни право за учество во синдикална организација, ниту се дозволува да се формира синдикална организација“, вели рударот.
Тој, исто така, вели дека многу работи зависат и од стручниот кадар, кој во Македонија полека исчезнува. „Во Македонија излезе дека секој може да биде инженер во рудник. Битна е дипломата, не мора да има никакво знаење“.
„Во Македонија по 2000 година почна сè да оди наназад. Рударски инспекции не постојат! Во Србија, на пример, на 2 до 3 месеци доаѓа инспекција за рударство“, потенцира искусниот рудар.
„Јас имам два сина и не би се согласил мое дете да работи во рудникот! Никому не би порачал да работи во рудник! Иако јас сум задоволен и горд, мислам дека имав многу среќа што сите овие години не ми се случи некоја поголема несреќа“.
Маја Ивановска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента