И фармерите ги подржаа еколозите!

Федерацијата на фармери (ФФРМ) се приклучи кон пораките кои валандовчани веќе неколку месеци ги испраќаат во врска со отворањето на рудникот Казандол. „Внимателно да се размисли за отворањето рудник во Казандол, зашто подрачјето на Валандово, Богданци и Дојран има 13.681 хектар обработливо земјоделско земјиште“, порачуваат од ФФРМ.

ФФРМ ја поддржува иницијативата на граѓан(к)ите на Валандово, Богданци и  Дојран за организирање референдум по ова прашање.

„Да се размисли добро при самото одлучување, бидејќи со отворањето на овој рудник, ќе се направат негативни ефекти врз земјоделството, посебно врз органското производство и, доколку не се применат мерки за соодветна заштита, штетите ќе бидат големи посебно врз почвата“, предупредуваат од  Федерацијата.

Фармерите бараат во иднина кога ќе се организираат дебати и истражувања, да бидат консултирани и земјоделските здруженија, за навремено да го дадат своето мислење.

Во меѓувреме, откако со формирање на новата Влада е продолжен мандатот на локалната самоуправа, повторно се актуелизира темата за одржување на референдум во Валандово - за или против рудникот за бакар во Казандол. За оваа иницијатива валандовчани веќе собраа повеќе од 2.200 потписи, пред истекот на законски предвидениот рок. Советот на Општина Валандово на наредната седница ќе мора да го распише референдумот, поаѓајќи од исполнувањето на законскиот услов за негово одржување. Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ бараат да се распише референдум на кој граѓаните ќе може да се изјаснат не само за рудникот во Казандол, туку и за евентуалното идно отворање на други слични рудници на нејзината територија.

За разлика од Валандово каде советниците гласаа против организирање на референдум, жителите на Богданци наидоа на разбирање во својата Општина и на референдум ќе гласаат на 11 јуни, додека референдумот во Дојран ќе се одржи на 18 јуни.

Врз основа на законската регулатива, референдумите ќе се прогласат за успешни, доколку на гласање излезат најмалку половина од запишаните избирачи во овие општини.

М. Т. 

Green CIVIL

FREE
VIEW