Крушево е град речиси без млади луѓе. Мал е бројот на среднисти и дипломци, коишто не го напуштиле градот и успеале да најдат работа, во државна администрација или во неколкуте фирми, што го означуваат крушевското стопанство.
„Доаѓаме само за време на продолжени викенди. Студирам во Скопје, а брат ми се обидува да најде работа во главниот град. Овде е депресивно, нема никаква забава за млади. Пусто е, празно. Добро е што студирам, во спротивно животот за млад човек овде е многу депримирачки“, вели млада крушевчанка,која инсистира на своја анонимност.
Но, нејзината младешка тага ја делат и другите врсници, што ги затекневме во неколкуте локали, при саботната посета на ова мало гратче, кое животот и економијата главно ги темели врз туризмот.
„Младински сојуз-Крушево“ е невладина организација, што со години ги следи проблемите на младите.
„Невработеноста е најголем проблем.И ќе остане сѐ додека не почне ерата на економски развој, инвестиции и нови работни места. Но, многу значајно е да им се даде можност на младите да учествуваат во процесот на донесување одлуки на локално ниво, каде ќе дојде до израз нивната креативност,идејност. Потребни се и проекти, за самовработување“, вели Методија Стојчески, претседател на невладината организација.
Во одделот за ЛЕР во Крушево, истакнуваат дека за период од 4 години, се реализирани 3 поголеми инвестиции, кои што отвориле преку 400 работни места.
„Во грчката компанија за обработка на тутун ‘Секе’ покрај редовните, еве втора година сезонски се ангажираат преку 250 работници. Во американската ‘Маркнорт-Америка’ за производство на медицински масла од cannаbis sativa за еден месец ќе бидат остварени 100 вработувања, а веќе четврта година во конфекцијата ‘Фалко’, работат 70 текстилци“, вели Коста Мицкоски, раководител на одделението за Локален економски развој.
Градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески, истакнува дека заложбите на Општина Крушево се токму во правец на решавање на, како што вели, најгорливото прашање за градот, невработеноста.
„Вложивме максимални напори и ја отворивме индустриската зона ‘Опаленик’, каде што половина од вкупно 12 хектари земјиште, е откупено од компанијата ‘Секе’. Реализираните инвестиции досега се и како резултат на нашата подготвеност да излеземе пресрет на барањата на инвеститорите. И нашите идни планови се во тој правец, да ги создаваме како Општина сите предуслови за стимулирање на потенцијалните инвеститори, своите бизнис планови да ги реализираат овде, во Крушево“, акцентира Дамчески.
Според Агенцијата за вработување во Крушево се евидентирани 980, но според познавачите на приликите реално се невработени 1400 лица. Од нив третина се млади луѓе.
А, во Крушево како последица на ‘белата чума’ живеат околу 3600 или приближно 2000 граѓани помалку од оние коишто биле регистрирани со последниот попис.