Народниот правобранител Иџет Мемети поднесе Иницијатива за изготвување Предлог за изменување и дополнување на одредбите од Законот за заштита на децата.
Во член 30-а, став 1 од Законот за заштита на децата, родителски надоместок за дете остварува мајката за своето трето живородено дете, во случај мајката да ги исполни потребните норми пропишани со законот. Ваквите решенија во законот, според Народниот правобранител, не дозволуваат таткото, како родител, да го оствари правото на додаток, ако мајката не е во можност, што според Уставот е дискриминација по основ на пол.
„Постојните нормативни решенија предизвикуваат неднаквост и правна несигурност бидејќи само мајката може да го оствари ова право, но не и таткото, со што се оштетени како родители и семејство, при што не се води сметка за целта на давањето на наведениот паричен надоместок, односно подобрувањето на животниот стандард на семејството кое има трето дете“, стои во иницијативата.
Во очекување одговор од Министерството за труд и социјална политика, Народниот правобранител бара да се обрне внимание и на „парадоксалната фактичка состојба“, во која корисниците на социјална парична помош и други видови социјални примања не можат да остварат право на родителски додаток за трето дете, додека лицата кои се во работен однос, го остваруваат наведеното право, без оглед на висината на примањата.
Повикувајќи се на начелата за социјална правда, хуманизам и солидарност, како темелни вредности на Република Македонија, Народниот првобранител се надева дека во предвидениот законски рок иницијативата ќе се разгледа и навремено ќе се добие согласност за предлозите за измени и дополнувања во Законот за заштита на деца.
Министерството за труд и социјална политика кое не ја добило иницијативата на Омбудсманот, излезе со став дека штом ја добие, внимателно ќе ја разгледа.„Сакаме да ја известиме јавноста дека на почетокот на идната недела министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе оствари средба со Народниот правобранител Иџет Мемети на која ќе се разговара на повеќе теми и прашања и веројатно ќе стане збор и за оваа иницијатива. Од МТСП потенираат дека се отворени за сите иницијативи од институции, поединци и здруженија на граѓани и дека ќе се разгледува секоја иницијатива која е од интерес за граѓаните.