„Децентрализацијата на моќта е првото нешто, за кое ние, како граѓани, мора да се избориме!“, порача Ирена Стеријовска, режисер и граѓанска активистка, учесник во Шарената револуција, во своето излагање на конференцијата „Општество без граници“, што во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа вчера во хотелот „Сити парк“ во Скопје.
„Она што ни се случи изминативе 10 години ја руинираше, буквално секоја здрава клетка во општеството. И она што нам треба да ни се случи – е колективно учество во ревитализацијата на општеството. Сегашниот управувавчки тим, условно кажано, мора да ја олабави централизираноста на моќта. Тоа беше во нашите идеи, а беше и во политичката програма на, сега веќе, Владата. Тоа не може да се направи веднаш, но не треба ни да се купува време и да се оставаат работите, нерешени… Доаѓа нова епоха за граѓанските активисти. Ние веќе сме свесни дека доколку понудиме одредени концепти, доколку се избориме за некакви права, за нешто што ние сметаме дека треба да го уживаме, веќе знаеме дека можеме да го оствариме тоа. Но, веќе треба да бидеме будни и иновативни“, оцени Стеријовска.
„Најверојатно, вистинската и логична дефиниција за социјална правда е создавање баланс меѓу поединецот и општеството. И тоа хармонично да функционира. Во моментов, во Македонија се случува посткулминативно граѓанско освестување, коешто треба да остане активно и будно, не само поради коригирање на она што е веќе направено, туку и поради носење иновативни концепти“, смета граѓанската активистика Стеријовска.
„Клучот на она што се нарекува одржливо општество, според мене, и како уметник и како граѓански активист, е – лекцијата што ние граѓаните, треба да ја научиме за самоорганизирање, како секој човек може да го подобри својот микросвет, а со тоа и општеството!“, рече Стеријовска како панелистка на конференцијата „Општество без граници“.
Камера: Атанас Петровски и Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
[divide]
Изјавата на конференцијата е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучувањ