„Да се постави ѕидна ограда на речното корито за заштита, да се исчисти отпадот од коритото и да се постават јавни контејнери прицврстени на оградата. На овој начин ќе се осигура движењето на жителите во населбата Тризла, ќе се намали ризикот од несреќни случаи меѓу децата, кои поголемиот дел од денот го поминуваат покрај реката, а ќе се намали натрупувањето отпад од страна на околните жители.“, побара невладината организација РОМА С.О.С. од Прилеп на денешната јавна дебата во Прилеп, посветена на домување на ромското население.
Според оваа невладината органазација, клучен приоритет за ромската заедница е изградбата на корито на реката на улицата “Дабнички завој”.
„Изминативе години забележани се несреќни случаи на деца помали од 6 години, забележано е континуирано фрлање отпад во самото речно корито, кое честопати преминува во депонија, а низ различни периоди во годината се појавуваат епидемии од заразни болести и општи нарушувања на здравјето на жителите“, посочуваат од РОМА С.О.С.
На јавната дебата присуствуваше и министерот без ресор, Самка Ибраимоски, којшто се запозна непосредно со проблемите на жителите на Тризла. Сите заклучоци од дебатата денеска, според РОМА С.О.С. ќе бидат доставени до Општина Прилеп, ЈКП Комуналец и министерот на Ибраимоски.
„Очекуваме соодветен институционален одговор и координирано постапување, а за што беше искажана отворено волја и интерес од сите засегнати страни. Ја акцентиравме и потребата од ангажирање две лица што контиуирано ќе вршат надзор врз оддржување на речото корито од населението, а по реализација на предлог-решението со цел да овозможи долгорочен и видлив ефект“, велат од РОМА С.О.С.
Инаку, во населбата живеат околу 8000 граѓани, најголем дел во тешки услови. Инфраструктурата на населбата е решена во многу мал дел. Барањата на жителите се за целосна урбанизација на Тризла.