Скопјанецот Т.В. (58) го предизвикал пожарот во долненското село Зрзе, на 12-ти овој месец. Прилепската полиција му поднесе кривична пријава, затоа што истиот ден околу 15.30 часот, предизвикал пожар, палејќи поголемо количество вреќи и стара хартија во дворот на М.С. жител на Зрзе.
„Пријавениот којшто бил во алкохолизирана состојба со запалка ја запалил хартијата, потоа во огнот фрлал стари кебиња и волнени јамболии. Потоа тој заминал со намера да земе уште стари работи за горење, оставајќи го огнот без надзор. Но, кога по кратко време се вратил, забележал дека огнот се проширил и настанал голем пожар, којшто зафатил површина од околу 500 метри сува трева, како во дворното место на М.С. така и во неговиот двор. Во тој момент пожарот го забележале соседите. Тие веднаш дошле, така што набргу, пожарот бил локализиран“, соопшти МВР.
Во Прилепско деновиве беа активни повеќе пожари, во близина на манастирот Трескавец, во Зрзе, во атарите на селата Никодин и мариовско Крушје. Сите пожари се изгаснати. Од ТППЕ соопштија дека причината за овие пожари е човечки фактор. Полициските инспектори треба да ги откријат точните причини, но и предизвикувачите на пожарите во кои се пеплосани неколку стотини хектари квалитетни борови, букови и дабови шуми.
М. Талеска