Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, на конференцијата Акција – Интеграција, говореше за граѓанското учество и демократските реформи, и како би можеле самите општини да придонесат во однос на тоа.
„Во моментов ние ги имаме средбите со граѓани, по урбани и месни заедници, каде што говориме за буџетот за 2019та година. Кога ќе ги завршиме и тие средби се планира низа средби со целни групи, како што се невладините организации и граѓанските здруженија, за да може да ги вклучиме сите заедно во буџетот. Тоа е една од алатките што ние како општини ја имаме за да може да ги вклучиме граѓаните што повеќе во носењето на одлуките“, изјави Темелковски.
Темелковски зборуваше за советите по урбаните и месните заедници, кои според него, многу ретко се користат, и дека нивното искуство досега покажува дека таму каде што се избрани советници по урбани и месни заедници, кои што си ја сакаат работата и општината, имаат многу поголем успех во донесувањето на одлуките и решавањето на проблемите, отколку на места каде што има луѓе „ради-реда“ ставени на тие позиции.
„За жал немаме мораториум, ама исто како да имаме, бидејќи во изминативе четири години не е донесен ниеден урбанистички план што е усогласен со генералниот. Тоа значи дека на преку 70 проценти од територијата на општина Кисела Вода законски не може да се гради, и не се ни гради, туку се гради само во периферијата каде што ги имаме општите акти и три детални урбанистички планови кои се донесени, а и подобро и да не биле“, изјави Темелковски.
Според Темелковски во однос на порастот на национализмот и како да се борат општините, тој изјави дека Република Македонија има многу добри закони, но дека никој не ги чита и не ги применува, и дека во самото функционирање на општините се дадени алатките како месните заедници, совети на месни урбани заедници, отворени денови или совет за превенција.
„Тој совет за превенција можеме да го користиме каде што се превидени луѓе кои што се препознатливи во нашите општини, се користи за борба против национализмот и порастот на дискриминацијата и се останато. Кога говоревме и за родовата еднаквост, исто така во Законот се предвидува дека треба да имате комисија за родова еднаквост во состав на општината Кисела Вода, и ние ја имаме таа комисија, која функционира“, додаде Темелковски.
„Јас можеби бев единствениот градоначалник во кампања што не викаше дека нема да се гради. Да бидеме искрени, во општините, особено во скопските општини, 70 проценти од приходите се од градење, ама има начин како таа градба да биде нормална и да се направат некои стандарди со кои вие ќе направите и одржлив раст на општината, нормално и на градот Скопје, а притоа да се запазат и оние норми за нормално живеење“, изјави Темелковски.
Конференцијата #АкцијаИнтеграција за европски вредности, зелени алтернативи и антинационализам ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Буњамин Камбери