Посветени на зелените вредности, социјална правда и антинационализам, во општество кое нема никаков проблем да покаже и докаже колку лесно се спојуваат овие елементи во секојдневното егзистенцијално опстојување, ЦИВИЛ информира, едуцира, но и нуди решенија како овие сегменти да делуваат во позитивна насока.
Зелените вредности не подразбираат исклучиво екологија. Тоа се сет можности кои на пиедестал ги ставаат човековите права и слободи и човековото достоинство. Секој заслужува зелена иднина, заштитена животна средина, еколошка правда и гаранција за одржлив развој на заедницата. Едукацијата и јакнењето на јавната свест колку воздухот, водата, почвата, природата, нивната заштита, одржливост и нега, се битни не само како основни човекови права, туку и како предуслов за опстанок на планетата земја.
А што всушност, овде, во нашата држава, имаме како сегашност и перспективи за иднина?
Го имаме „Ѓубрето во нас“, како што пишува колумнистот Милан Банов. Или „ погледнете ги улиците и тротоарите – нови се, широки се, модерни се, речиси европски.. но со додатоци во вид на преполни контејнери, на исто толкаво количество смет околу нив, на преполни жардинјери и уште пополна нивна околина, на автобуски станици послани со тепих од догорчиња и хартивчиња, на клупи на кои се седело, се јадело, се пиело и се оставило она што веќе не можело да се употреби… “
Во тој контекст ја имаме преубавата скопска населба Радишани. Но, ако го погледнете „Радишани одблиску“, низ погледот на Дијана Тахири, ќе заклучите дека таа важи за една од најчистите, најмирните и најорганизираните урбани средини, но, до онаму каде што се грижа нејзините жители. А кога тоа треба да го направи општината имате вакво барање: „Како жителка на населбата, апелирам до општинските власти, да преземе мерки за средување на хаосот на улицата „Радишанска“. Да се дислоцираат контејнерите на погодно место, за да се ослободат тротоарите за слободно и безбедно движење на граѓаните. Да не се дозволува паркирање на возилата, бидејќи трговскиот центар има паркинг, и да се казнат полицајците што повремено се појавуваат на улицата, но не преземаат никакви мерки“.
Но, настрана отпадот, што е со воздухот. „Дали Скопје навистина сака чист воздух?“, прашува Александар Пешев.
„Да тргнеме од себе, па потоа да се креваме против градот и надлежните. Се протестирало и треба да се протестира против аерозагадувањето, но за да имаме образ да упатиме вакви критики, треба да поставиме соодветен пример. Ако на пат кон протестите го фрлиме ѓубрето од зграда низ балкон, па го стартуваме стариот автомобил за да стигнеме на 100 метри подалеку и да се паркираме во среде парк, тогаш немаме образ да се буниме против аерозагадувањето. Да не заборавиме, децата за кои тврдиме дека се бориме го следат нашиот пример повеќе одошто ги слушаат нашите совети“, констатира Пешев.
Едно од можните решенија против загадувањето понуди и колумнистот Сашо Орданоски.
„Кога загадувањето е како заемјотрес“, вели Орданоски, „можеби е дојдено време и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ЗАЧЕПАТ со своите секојдневни партиски препукувања за загаденоста на воздухот во Скопје и Македонија! Доста веќе од тој мизерен пинг-понг со соопштенија и надмудрувања кој е повеќе виновен за ова масовно труење, граѓаните се чувствуваат како некој секој ден само да им дотура сол на таа отворена рана. Нема кому не му е јасно дека се работи за проблем од национално значење, бидејќи се трујат сите, без разлика на партиските определби или симпатии. Проблемот има размери на прашање од национална безбедност, бидејќи последиците се масовни и трагични.“
Ѓубре, воздух, вода… Без вода нема живот. Нема здравје доколку е загадена. Да се нема вода, значи да се одземен едно од фундаменталните права на човекот. А кога тоа право го одзема претставникот одбран од заедницата за да го штити истото, како можеме да зборуваме за права, правда, живот, достоинство…
Поттикнат од личното сведоштво, работејќи со граѓанските новинари од Битола, за условите за живот на жителите од населбата Баир, Дехран Муратов, ја илустрираше поврзаноста на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, кои овде целосно отсуствуваат.
„Ако немате вода –пијте кока –кола!, е насловот на колумната на Муратов за третманот кон оваа заедница од општеството, на кои и таа е рамноправен дел.
„На жедните баирчани од второстепено значење им е дали Груевски во женска облека на пат до Унгарија го придружуваа четнички бајонети. Или дека можеби е киднапиран. Или дали Груевски со помош на марсовци и летачка чинија, или со килим како Аладин ја преминал границата… Не е битно, тие од државата го бараат основното човеково право – вода!… Досега сите политичари ги преминуваа жедни преку вода – во буквална смисла. Нивните деца не одат на училиште оти никој не сака да учи и да си игра со нив. „Никој не сака да си игра со валкано дете, кој сака валкано дете“, со насолзени очи вели една очајна мајка која што не може да им пружи безгрижно детство на своите деца“.
Затоа не еднаш и уште бара максимално почитување на човековите права и слободи и итно институционално и граѓанско решавање на елементарните потреби на луѓето. Како што вели Џабир Дерала во „Моите барања“: Јас од мојата држава, од институциите и од моите сограѓанки и сограѓани очекувам да дадат сѐ од себе и секојдневно максимално да ги почитуваат човековото достоинство и човековите права и слободи. Очекувам да живеам во слобода и демократија, во земја во која владее правото. Очекувам и барам! Сакам да владее социјална и еколошка правда во секој град и село – колку и да звучи како реченица во писмена вежба за основно училиште.
Ако одиме подлабоко во законското регулирање и освестување и она што не очекува во иднина, може да се потсетиме на колумната „За иднината и срамот пред генерациите што доаѓаат“ на професорката Мирјана Најчевска.
„Токму Владата (оваа како и сите претходни по ред) стои зад каменоломот во Велес, и зад каменоломите во Лабуништа, и каменоломите во гостиварско, и зад безмилосното искористување на песокот од реките, и зад сите ископини и места за експлоатација на минерали од оние 367 доделени или продолжени во јули 2019 година… А, можеби во еден глас да побараме да се врати уставната одредба од 1946 година која гласи вака: „Член 84: Членовите на Владата на ФНРЈ се кривично одговорни за повредите на Уставот и на законите при вршењето на службената должност. Тие одговараат за штетата што ке ѝ ја направат на државата со незаконска работа.“
И за крај, зошто е потребно да се бориме против национализмот преку класичен пример од нашето секојдневие, пишува Маја Ивановска во колумната „Што ќе пеете во петок?“.
„Вардар повторно стана европски шампион. Два пати во три години! … Повторно, како и секогаш кога наместо да се радуваме на нечиј успех, кој патем го доживуваме како колективен, по не знам кој пат успеавме да ја ставиме на коцка радоста наспроти омразата, каде дефинитивно губиме сите! Повторно примитивизмот успеа да ја победи радоста. Вардар застана на врвот на Европа, ама ние останавме шупакот на светот!… Примитивизмот, скандирањата и желбите за нечија смрт, национал-шовинистичките пораки упатени славејќи ја победата на европскиот шампион кој во својот состав има играчи од речиси сите поранешни југословенски републики и дел од светот, се одвратни исто колку и нивното релативизирање… Сакате чиста Македонија? Почнете од сопствените мозоци и бљувотините кои ги посеавте на синоќешната прослава! И буквално и фигуративно! И соберете си го ѓубрето од улиците!
Б. Јордановска