На конференцијата „Злоупотреба на социјалната правда за изборни цели“, која во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа денеска, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала го претстави пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“.
„Без исклучок, сите соговорнички и соговорници одговараат потврдно на прашањето дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст. Нашите соговорници и соговорнички изнесуваат низа детали за нивните искуства, сознанија и анализи за злоупотребата на сиромашните и ранливите граѓанки и граѓани, за коруптивните политики и практики на власта, но и за долгорочните ефекти на ниската политичка култура во овој контекст“, истакна Дерала во анализата.
Учесниците во проектот беа поделени во три категории: експерти, претставници на политички партии и на граѓански организации и синдикати. Секоја од категориите доби идентични прашања поврзани со овие теми, на кои одговараа во видео-интервјуа за ЦИВИЛ Медиа.
Уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ даде краток осврт на интервјуата кои изминатата недела ги објави ЦИВИЛ во рамки на овој проект.
„Се работи за морничава слика за македонското општество. Заедничкиот став на претставниците на граѓанските организации и на експертите беше очекуван, но и политичките субјекти, претставниците на различни политички партии, со речиси слични зборови ја оценија ситуацијата во Македонија со социјалната неправда, или непостоењето правда, со конкретни предлози за кои треба да се разговара и полемизира. Нереалните ветувања и масовните злоупотреби, особено на ранливите категории, нé доведоа до тоа, стечајните работници да изјавуваат дека сите политичари се лажговци. Кога имаме ситуација во која 180.000 граѓан(к)и живеат со 14 денари на ден, за што да разговараме? Сме дошле под дното и сега се неопходни револуционерни исчекори и промени за воспоставување на социјална правда, оти е лесно да се злоупотреби гладен човек, човек кој се чувствува загубено и кој не верува дека може да се смени нешто, дека е однапред злоупотребен“, вели Станковиќ.
„Левица високо ја става социјалната правда во своето политичко делување и во кампањата и нема да дозволиме останатите политички субјекти да ја игнорираат социјалната правда, или по изборите, тие кои ќе формираат влада ја да игнорираат. Сé додека има сиромаштија, секогаш ќе има луѓе кои сиромаштијата ќе ги натера да го погазат своето достоинство. Ако сакаме на долг рок да нема купување гласови, мора да се занимаваме со сиромаштијата“, изјави Здравко Савески од Левица, еден од соговорниците во проектот.
„Јас не би бил толку негативен, гледам позитивно на тоа што речиси сите опозициони партии ја имаат ставен социјалната правда како најважно поле на кое ќе работат доколку дојдат на власт. Сепак, дел од ветувањата се нереални се неиздржани и тоа е негативно. Да се зголеми минималната плата на 18.000 денари е превисоко очекување. Истото важи и за сумата од 30.000 денари како просечна плата, затоа што тоа не е во раце на политичката партија на власт, многу фактори влијаат врз тоа“, смета Бранимир Јовановиќ, експерт вклучен во проектот „Ветувања и злоупотреби“.
„Државниот завод за статистика излезе со податок дека е намалена сиромаштијата, во време кога знаеме дека голем број на граѓани живеат со помалку од 14 денари дневно. Тоа е предизборна манипулација и треба да се интервенира во тоа, на кој начин и како се пресметува. Социјална правда може да се постигне и нема магично решение за тоа. Потребни се реални политики кои се грижат за граѓаните и ќе функционираат како мрежа која ќе ја спречи државата да влезе во сиромаштија“, е ставот на Мила Царовска, експертка за социјални политики.
„Социјалната правда не смее да се остави да се дискутира само низ бројки. Тие се патоказ до каде сме, но социјалната правда мора да биде сегмент кој ќе биде актуелизиран од сите партии, а не само од левоориентираните. Со самото тоа што сме социјална држава, треба да се негува тоа начело и социјалната правда да е приоритет број еден. Потребен е консензус од сите партии, креирана долгорочна стратегија. Не може на четири години, со менување на владиниот состав, да се менуваат и политиките“, смета Милан Живковиќ од Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје.
„Социјалната политика не е само милостина. Потребно е редефинирање и на системот за спроведување на социјалната политика. Монополизирање на пристапот од политичките структури и немањето инклузивност, се голем проблем. Консензус мора да има за поважните прашања“, вели Кастриот Реџепи од Движењето Беса.
„Сé повеќе слушаме и ќе слушаме сведоштва за политичка корупција и за клиентелистички односи кои оваа власт ги доведе до совршенство. Страшни сведоштва, но ми даваат трошка надеж дека граѓаните конечно се ослободуваат од стравот, наметнат и инсталиран во последната деценија. Сите автократни режими својата моќ ја црпат од парите и стравот. Пари нема, а сега еве и монополот врз стравот полека го губат. Свесни се дека не ѝ должат ништо на партијата и дека не можат да ги задоволат основните потреби за живеење. На овие избори, формите за корупција кои се развиени, нема да поминат така лесно, граѓан(к)ите ги препознаваат тие работи и не се подготвени и желни да преминат преку тоа“, смета Калинка Габер од Институтот „Прогрес“.
Во дискусијата се вклучија и членовите на тимот на ЦИВИЛ, Моника Талеска и Петрит Сарачини кои споделија индивидуални сведоштва на граѓан(к)и, кои своите проблеми ги адресираа до ЦИВИЛ, а кои ќе бидат објавени во наредните денови.
Оливера Доцевска, која собира потписи за да може да се кандидира како независен кандидат во Изборната единица 2, ги пренесе проблемите во судскиот систем со кои таа се соочува како адвокат. Според неа, сиромаштијата е директно поврзана со корупцијата и мора да се воведат политики за справување со корупцијата.
Дискусијата со свои искуства и пораки ја збогатија и синдикалните претставници Ивица Кузмановски (Независен полициски синдикат), Атанас Трајковски (Независен синдикат за градежништво, индустрија и проектирање), Страшо Јованов (НСКТМ – Макам Транс), Наско Јованов (Самостоен синдикат на „Арчелор Митал“ – Конфедерација на синдикални организации) и Лилјана Тодоровска (Здружение на пензионери од дијаспората во Македонија)
Целта на проектот „Ветувања и злоупотреби“ е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната правда во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.
Видео интервјуата и нивните транскрипти на македонски, албански и англиски се објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ и слободни се за преземање (Creative Commons 4.0).