ЦИВИЛ го отвори подиумот за повеќе експерти, претставници на политичките партии, синдикатите и организациите на граѓанското општество кои се занимаваат со човекови права и со социјална правда, да проговорат за злоупотребите на социјалната правда за изборни цели во пилот проектот „Ветувања и злоупотреби“ кој се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел, канцеларија во Сараево.
Учесниците во проектот се поделени во три категории и тоа 1) експерти, 2) политички партии и 3) граѓански организации и синдикати. Секоја од категориите доби идентични прашања поврзани со овие теми, на кои одговараа во видео интервјуа за ЦИВИЛ Медиа. Истражувачите на ЦИВИЛ работеа на откривање случаи на злоупотреби и манипулации со социјално загрозените граѓанки и граѓани за изборни цели, кои ќе бидат објавени во наредниот период. Тие случаи се јасна и недвосмислена илустрација за реалноста во Македонија.
Учесници во проектот
Во категоријата експерти, За ЦИВИЛ Медиа говореа проф. Мирјана Најчевска, Мила Царовска, Џевдет Хајредини, Милан Живковиќ и Бранимир Јовановиќ. Како претставници на граѓанските организации и синдикатите говореа Калинка Габер (Прогрес), Гоце Делчев (Независен синдикат на полицијата), Билјана Дуковска (Македонска платформа против сиромаштијата), Зекир Абдулов (КХАМ Делчево), Несиме Салиоска (Рома С.О.С. – Прилеп) и Пеце Ристески (Синдикат на индустрија, енергетика и рударство). Наспроти сите обиди да добиеме одговор на идентични прашања и од Живко Митревски, претседателот на ССМ, тој до објавување на овој документ не одговори потврдно на нашата покана за учество. Во категоријата политички партии, наши соговорници беа: Лилјана Поповска (ДОМ), Здравко Савески (Левица), Ивон Величковски (Либерална партија на Македонија), Кастриот Реџепи (Беса) и Самка Ибраимовски (ПЦЕР).
Наоди и заклучоци
Без исклучок, сите соговорнички и соговорници одговараат потврдно на прашањето дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст.
Нашите соговорници и соговорнички изнесуваат низа детали за нивните искуства, сознанија и анализи за злоупотребата на сиромашните и ранливите граѓанки и граѓани, за коруптивните политики и практики на власта, но и за долгорочните ефекти на ниската политичка култура во овој контекст. Видео и текстуалниот материјал кој се објави досега во проектот „Ветувања и злоупотреби“ донесува и крајно загрижувачки статистики кои сведочат за бескрупулозната злоупотреба токму на најсиромашните слоеви во општеството.
Понатаму, се забележува заедничка позиција на најголем дел од учесниците во проектот и во поглед на прашањето за тоа кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите. Без оглед на различните позиции и категории на соговорниците, се извлекува заклучокот дека политичките партии, особено оние што настапуваат од позиција на власт, ветуваат многу повеќе отколку што може да се очекува да остварат. Нивните ветувања имаат краток рок и се крајно популистички, манипулативни и коруптивни. Ваквото однесување на политичките центри на моќ газат врз човековото достоинство и ја деградираат демократската димензија на изборниот процес.
Заклучоците и анализите кои ЦИВИЛ ќе ги објавува и во овој проект се засновани и на извештаите на мониторингот на ЦИВИЛ во проектите за изборен мониторинг „Напред!“ и „Набљудуваме“, како и прилозите на бројните граѓански новинарки и новинари во проектот „Граѓански објектив“.
Анализа
Злоупотребата на прашањата поврзани со социјалната правда во Република Македонија е ноторна и има долга традиција во изборните процеси и контексти. Поточно, политичките партии редовно си поигруваат со очекувањата на гласачите во земјата.
Целиот политички и општествен контекст е поставен во изборен контекст, придружен со тешки политички потреси, повремени безбедносни предизвици и тензии, како и со чести изборни процеси, меѓу кои и три вонредни парламентарни изборни процеси. Изборите закажани на 11 декември ќе бидат четврти вонредни парламентарни избори за осум години. Сите вонредни изборни процеси се одржуваат во сè позаострени состојби во сите сфери на општеството и државата, придружено со сериозно кршење на човековите права, отсуство на демократијата и на владеењето на правото.
Домашната и светската јавност подолго време се запознаени со фактите за владеењето на владината коалиција во Република Македонија. Тоа владеење е придружено со сериозни индикации и материјални докази за тешки криминални злоупотреби на моќта, структурно насилство, политичка корупција и изборни кражби кои во целост го разградуваат општественото ткиво и политичкиот систем на земјата.
Во такви услови, главната цел на владејачките структури е да се задржи и зацврсти власта, односно моќта и контролата. Тоа се постигнува со жестока партизација, односно со заробување на државата и на општеството. Со контролата врз финансиите и економијата, на владејачките структури им беше лесно да воведат високо коруптивна пракса на континуирано купување на наклоноста на гласачите, во комбинација со структурно насилство и жестока медиумска манипулација. Нереалните ветувања најчесто се граничат со криминална злоупотреба на јавните ресурси, буџетот и администрацијата во периодите меѓу два изборни циклуси, за потоа да премине во отворена и систематска злоупотреба и антидемократско владеење.
Општествено – политичкиот систем е нокаутиран, а со тоа се нокаутираат и сите вредности во кои може да се негува и развива демократијата и владеењето на правото. Затоа, широко распространетата шема на злоупотреби на очекувањата на граѓанките и граѓаните, без оглед на тоа колку е очигледна бескрупулозната измама и криминалот, изгледа како нормална и секојдневна појава. Тоа подразбира дека ветувањата за нешта што веќе им припаѓаат на граѓанките и граѓаните, според Уставот и законите, се припишуваат на милоста на Партијата која се однесува како стопан на животот, приватноста и стремежите на луѓето. Поделбите на подобни и неподобни стануваат критериум за тоа кој ќе добие социјална помош или работно место за мизерна плата и тешки услови, стануваат врвен дострел на социјалната политика на владејачките структури.
Токму во доменот на прашањата поврзани со социјалната правда, очекувањата намерно се зголемуваат и тоа во високо коруптивен манир. Политичката корупција длабоко се вгнезди во сите пори на општеството и државата, како на локално, така и на национално ниво.
Овие политики и практики доведуваат до состојба во која изборните процеси се, најблаго кажано, проблематични и нелегитимни, дури и да ги нема сите останати манипулации, злоупотреби и кражби на гласови.
Создавањето нереални очекувања со ветувањето за работни места или условувањето на социјалните бенефиции со лојалност или со глас на изборите, се најчестиот облик на злоупотребата на социјално ранливите граѓанки и граѓани. Многу од ветувањата претставуваат дискриминација и злоупотреба и практично воведување на политичка корупција и тоа во огромни размери, на сите нивоа. Тоа, во дадените услови, можат да го спроведат само партиите кои реално ја поседуваат власта и располагаат со парите на граѓанките и граѓаните. Со ваквото однесување, партиите на власт однапред го манипулираат изборниот резултат, го кршат Уставот и законите на Република Македонија и го стеснуваат просторот на гласачите слободно да ја изразат својата волја на денот на изборите.
Јавен повик на ЦИВИЛ до политичките партии, институциите и гласачите
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува политичките партии, како од власта, така и од опозицијата, да се воздржат од коруптивни постапки во текот на изборната кампања. Институциите, регулаторните тела и медиумите се должни да се ослободат од партиските стеги и да реагираат на злоупотребата на социјалната правда за изборни цели.
Конечно, граѓанките и граѓаните на Република Македонија треба да се охрабрат и да ја искажат својата слободна волја и да гласаат според убедување, а не според лажните ветувања, а најмалку поради страв од притисоци или губење на придобивките кои им припаѓаат според Уставот и законите. Никој не е над законите и никој не може да располага со парите и благосостојбата на граѓанките и граѓаните како да се приватна сопственост.
Џабир Дерала
фотографии: Биљана Јордановска