Фрапантни податоци од денес презентираното истражување на невладината организација „Сведок“ под наслов „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“, поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
„Во последните пет години, 138 македонски граѓани биле неосновано притворени, а подоцна, против нив не било покренато обвинение или биле ослободени по жалби во судските постапки. Овие граѓани имаат право да ја тужат државата и да бараат штета за неоснованото притворање, но таквата можност не ја искористиле ниту половина од нив, поради бирократските процедури и малиот надомест што го досудуваат судовите, кој се движи од 2.400 до 3.000 денари за ден незаконски поминат зад решетки“, се вели во истражувањето на „Сведок“.
Во истражувањето на „Сведок“ учествувале професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ, Гордана Бужаровска, Ванчо Узунов, Неда Здравева и Бобан Мисоски, како и поранешната судијка Виолета Дума, кои ги анализирале судските пресуди.