Над еден милион бегалци поминаа низ Македонија во периодот 2014 – 2016. Неколку десетици бегалци ги загубија животите на пругите низ Македонија. Системот не беше подготовен, но хуманите луѓе ја надополнија празнината предизвикана од неефикасните институции… Вака ја почнавме приказната за бегалската криза и за третманот кон бегалците во Македонија со хуманитарката од Велес, Ленче Здравкин.
Пред камерата на ЦИВИЛ Медиа таа зборуваше за првите соочувања со бегалците, за животот покрај пругите, за состојбата на бегалците и за препораките- доколку дојде до нов бран на бегалци во Македонија.
ЦИВИЛ Медиа: Животот покрај пруга ви донесе еден специфичен предизвик во време на бранот на бегалци во Македонија. Што ве предизвика да им помогнете?
ЗДРАВКИН: Животот покрај пруга. од 2013-та година за мене стана голем предизвик, голема пресвртница во животот… Да се научиш на секакви моменти, на сурови моменти што животот може да ти ги зададе, а не знаеш кога. Од 2013-та година, кога почнаа помали групи на бегалци да се движат на железничките пруги, немаше многу време за размислување ниту кои се, ниту што се. Она што можев да забележам дека на сите тие млади дечки, од 20 до 30 години, им е потребна помош. Време за размислување немаше ниту од каде се, но им требаше топол чај, топла облека и безбедно да го продолжат своето патување.
ЦИВИЛ Медиа: Каква е состојбата со бегалците сега?
ЗДРАВКИН: Состојбата со бегалците сега е смирена. Од јужната граница, односно од Грција, имаме многу мал број на движење на бегалци. Сега е зголемен бранот на бегалци, што движат во обратна насока, односно од север кон југ. Тие се враќаат назад, истите бегалци што заминале за Србија, не можејќи да го издржат притисокот, оти никаков статус немаат, останати се на улиците, во парковите, на железничката станица во Белград… Така, одлучуваат да се вратат повторно во Грција, сметајќи дека отаму, побезбедно ќе најдат начин или решение како ќе заминат во Европа.
ЦИВИЛ Медиа: Имавте ли помош и поддршка од домашните?
ЗДРАВКИН: Уште во првиот момент, кога почнаа да се движат во помали групи по 20/30 луѓе, моето семејство беше секогаш со мене, околку подготовката на храна, да се купи нешто што им е потребно, лекови, нешто за бебињата… Секогаш имаше потреба некого да пратам да купи, да донесе, да ми помогне, од првиот ден, заедно со семејството ја пружавме помошта.
ЦИВИЛ Медиа: Во домашната и меѓународната јавност имаше многу позитивни реакции за вашата работа, но, за жал, имаше и негативни реакции. Кому му пречеше работата на еден граѓански активист во помагање на бегалците што поминуваа низ Македонија?
ЗДРАВКИН: На самите почетоци се создаде ксенофобија меѓу граѓаните дека тоа се болни луѓе, дека носат заразни болести, дека се терористи… Се борев и со тоа, но мислам дека успеав, можеби не доволно, но она што можев јас самата да го направам, го направив. Оние луѓе што изразува негативност кон бегалците, се трудев да ги соочам, очи во очи со бегалецот, да видат што значи еден бегалец, еден паталец, да видат едно момче кое можеби е доктор на науки или професор, меѓутоа „силом прилике“ морал да бега… Бидејќи, веќе нема дом, нема каде да живее, негвото семејство изгорело, сè е пеплосано. Како ги сочуваав моите соседи, пријатели – со бегалците, за многу кратко време го менуваа мислењето и ми се приклучуваа кон помошта.
ЦИВИЛ Медиа: Се најавуваат нови бранови на бегалци што ќе поминуваат низ Македонија. Што вие би препорачале за справување со состојбата?
ЗДРАВКИН: Ги следиме медиумите, политиката знаеме каква е, се менува од час во час. Во исчекување сме, како што велат големите функционери, можно е да дојде до голем бран на бегалци. Јас сум тука и се подготвувам, но помош е потребна од секаков вид, од медицински материјал до храна, обувки, вода…
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов