Обединетите нации објавија извештај за мигрантската ситуација во светот на крајот од минатата година, во којшто се наведува дека бројот на присилно раселените лица достигнал рекордни 65,6 милиони, пишува Anadolu Agency (AA). ОН и повеќе од 100 земји-членки, од 2001 година, го одбележуваат 20 Јуни како Светски ден на бегалците.
Во извештајот на УНХЦР „Глобални трендови за раселувањето“, се наведува дека кон крајот на минатата година, во светот имало 300.000 повеќе раселени лица, во однос на претходната година. Околу половина од раселените бегалци низ светот, се на возраст под 18 години, што е најголем број на деца-бегалци од Втората светска војна.
Меѓу 65,6 милиони присилно раселени во светот, 22,5 милиони лица се со статус на бегалци, 40,3 милиони се внатрешно раселени и 2,8 милиони се лица кои бараат азил.
Трета година по ред, Република Турција е земја којашто згрижува најголем број бегалци во светот. Германија е земја со најголем број примени поединечни барања за азил, а минатата година прими дури 722.400 такви барања. Следуваат САД со 262.000, Италија со 123.000 и Турција со 78.800 примени барања.
Втора земја според бројот на згрижени бегалци во светот е Пакистан, со 1,4 милиони бегалци, а потоа следува Либан со милион згрижени бегалци.
Од Сирија доаѓаат најголем број бегалци, 5,5 милиони, а следуваат Авганистан, од каде што доаѓаат 2,5 милиони бегалци и Јужен Судан со 1,4 милиони.
Сирија е земја со рекордна популација од 12 милиони присилно раселени лица, што е над 45 отсто од сириското население, меѓу кои 5,5 милиони се бегалци, 6,3 милиони се внатрешно раселени и 185.000 се баратели на азил. Од Колумбија присилно се раселени 7,7 милиони лица, а од Авганистан – 4,7 милиони лица.
Според последниот извештај на ОН, во текот на минатата година, статус на присилно раселени лица поради судир и други кризи стекнаа 10,3 милиони нови лица, што е во просек 20 нови раселени секоја минута!
Првиот бегалски тим се натпреваруваше на Олимпијадата во 2016 година во Рио. Тимот беше составен од спортисти од Етиопија, Јужен Судан, Демократска Република Конго и Сирија.