Невладината организација СОС Детско село Македонија денеска ѝ ја предаде целата документација на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, што ја опфаќа анализата за ефектите од „Воведување на моделот на социјални договори во обезбедување социјални услуги на корисниците“. Целта на проектот е сите социјални услуги да бидат во рацете на граѓанскиот сектор или приватни фирми, а државата како креатор на стандардите, да го мониторира процесот на квалитетно извршување на услугите, финансирани од државиот буџет.
„Суштината на промената што ја нудиме е државата да делегира дел од своите надлежности во давање на социјалните услуги на други чинители, односно на невладини организации и приватни фирми. Ова е крупна промена, зашто досега согласно со закон, само државата даваше социјалните услуги на корисниците. Ние нудиме европска практика, со цел кај државата да остане делот на креирање на политики, стандарди, на критериуми…“, изјави за Грин ЦИВИЛ, Зоран Богдановски, од СОС Детско село Македонија.
Целата документација од развиената анализа за измена на регулативата и направените истражувања ќе бидат разгледани во Министерството за труд и социјална политика и според ветувањата на министерката, Мила Царовска, ќе бидат земени во вид, при донесување на новата регулатива во сферата на социјалната заштита.
„Системот на социјална заштита треба да добие слика соодветна за 21 век и да ги следи меѓународните трендови. Во однос на социјалните услуги, колку и какви финансиски средства треба да се трансферираат кон граѓаните, што се материјално необезбедени или се во друг социјален ризик, анализите покажуваат дека Македонија испорачува финансиски средства и одредени социјални услуги се нудат, но конечниот ефект се губи некаде по патот“,изјави министерката Царовска.
Спроведените анализи од СОС Детско село Македонија, финансирани од УНИЦЕФ покажале дека влијанието и придобивките од воведувањето на моделот на социјални договори во нашата земја ќе бидат големи и многу позитивни
„Социјалните договори создаваат можност за подобар опфат со услуги, модернизација на услугите и соодветен кадар, што е обучен и мотивиран. При тоа постои ризик дека услугите ќе се пренасочат, кон оние што се најпрофитабилни за давателот на услуги, но и за зголемено дистанцирање на Владата, којашто ја носи главната одговорност за човековите права, од граѓанинот, како носител на тие права. На ова, не смее да се гледа едноставно како на тендерска процедура, туку како дел од комбинација на стратегии, што го гарантираат достоинството и правичноста за сите граѓани, што имаат потреба од социјални услуги, без разлика каде се наоѓаат во Скопје, Струмица, Струга, Свети Николе. Услугите мора да бидат достапни за сите“, изјави Бенџамин Перкс, претставник од УНИЦЕФ.
Моника Талеска