Десетти ден пожарите во Порече пеплосуваат квалитетни борови шуми. Досега се зафатени околу 300 хектари. Се интервенира деноноќно на терен, но битката со стихијата никако да се извојува. Ангажирани се бројни екипи на терен освен од Македонски Брод, од Тетово, Гостивар, Скопје, Куманово, Охрид, Струга и Битола. Борбата со пламените јазици се води и од воздух, се интервенира и со авиони и хеликоптери на АРМ.
„Состојбата е критична, се обидуваме да го локализираме пожарот, да ги заштитиме околните населени места Требовље и Близанско. Сериозна е заканата огнената стихија да ги зафати не само викенд населбите, туку и да влезе во овие две села. Но, се интервенира и со два авиона и два хеликоптера на АРМ. Освен тоа има многу жива сила на терен, покрај возилата на 8-те територијални единици од исто толку градови во државата. Ангажирано е и месното население, околу 110 луѓе, меѓу нив и цела бригада на Дирекцијата за заштита и спасување, се борат со пламените јазици“, вели Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
Полицијата доправа ќе испитува, но првично се препоставува дека човечки фактор е причината за овој огромен пожар во Порече.
„Пален е оган на пет – шест локации покрај патот, оттука се и сомнежите дека причината за овој пожар е човечки фактор“, вели градоначалникот Војнески.
Според неговите проценки, ваква синхронизирана акција на надлежните институции во државата, требало да се спроведе порано, со цел да се спречат последиците и штетите, што дополнително ќе се испитуваат.
М. Талеска