Митко Јанчев е единствениот градоначалник на урбана општина од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е спешен бизнисмен и политичар, со истенчено чувство за локалните прашања, особено во доменот на заштитата на животната средина. Од теренот, дознаваме дека тој е омилен меѓу своите сограѓанки и сограѓани, без оглед на политичката или друга припадност. Тимот на ЦИВИЛ Медиа направи интервју на две големи теми: локални политики и практики со акцент на зелените политики, додека во вториот дел се осврнуваме на актуелните политички состојби во земјата.
ЦИВИЛ МЕДИА: Каква е релацијата на општина Кавадарци со централната власт? Како се одразува незавршениот процес на децентрализација на државата, на локалните политики и практики во оваа општина?
ЈАНЧЕВ: Јас како единствен градоначалник, на урбана средина, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и како победник на последните локални избори, кој од другата страна има Влада, односно власт на Социјалдемократскиот сојуз, кој е директен противник на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, имајќи го предвид и недовршениот процес на децентрализацијата, што самиот го споменавте, за волја на вистината, по година и седум месеци од мојот мандат, имаме супер релации и супер соработка. Тоа морам вака конкретно и јасно да го кажам, без да го политизирам.
Сите стратешки проекти, коишто беа во мојата изборна програма, се поддржани од Владата. Се работи за неколку постратешки проекти како влезот во Кавадарци, Западен Булевар, изградба на мост во селото Ваташа, реконструкција на повеќе патишта, и во делот на предучилишна заштита, каде што добивме грант од 850.000 евра за комплетна изградба на нова градинка преку Министерството за труд и социјална политика, преку Светска банка.
Сакам децидно да кажам дека покрај тоа што можат, ако сакаат, заради тоа што не се довршени процесите на децентрализација, да ја опструираат и на некој начин да ја кочат општината, но за волја на вистината, кавадарчани и јас како градоначалник имаме успех на тој пат и немаме никаква пречка во делот на тоа што централната власт е на друга страна од општинската власт.
ЦИВИЛ МЕДИА: Но, секако, незавршениот процес подразбира и одредени незавршени работи.
ЈАНЧЕВ: Незавршениот процес остава простор на човекова волја, или во делот на недовршени закони или недовршени овластувања. Тоа значи дека доколку успееме да се движиме кон комплетна децентрализација на самите општини, а очигледно е дека се бориме за поголема децентрализација, и во делот на образованието, јавниот ред и мир, блок дотациите, повратот на ДДВ, градоначалниците ќе имаат повеќе одврзани раце.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кога дојдовте на власт како градоначалник во 2017 година, уште во првите месеци покажавте иницијатива во делот на заштитата на животната средина. Имавте неколку интересни и невообичаени, а во смисла на буџет не премногу скапи, чекори кои ги направивте. Каков беше одзивот на јавноста, а секако и на институциите на централно ниво, на тоа што Вие го предложивте? До каде е таа работа?
ЈАНЧЕВ: Во делот на заштитата на животната средина и екологијата, просторот е многу голем и сметам дека и како централна власт, и како држава, и како општини сме сѐ уште на многу ниско ниво.
Започнавме со неколку иницијативи со кои се покажавме дека можеме да мрднеме од мртва точка и со помалку средства и помалку пари да постигнеме барем намалување на загадувањето на животната средина и на амбиенталниот воздух. Успеавме да инсталираме четири мерни станици, преку донација преку Универзитетот Гоце Делчев од Штип. Тие четири мерни станици ги имаме он-лајн и ги детектираме сите проблеми, кога, каде и во кое време се случуваат загадувањата.
Овие мерни станици се добри и за правење анализи, затоа што пред се ние сме земјоделски регион, во делот на почвата, врнежи, температури и така натаму. Со овие анализи можеме да го намалиме и количеството на пестициди коишто ги користат лозарите, особено во делот кога и како треба да се заштити самата земјоделска култура.
Направивме повеќе субвенции во однос на грејните тела. Дадовме повеќе од 350 грејни тела. Два пати до сега дадовме донации од велосипеди и заинтересираноста беше многу голема. Организираме повеќе акции во делот на екологијата и социјалната заштита.
Во делот на екологијата, исто така, земавме и пософистицирани машини за дневно одржување на хигиената во градот. Се работи за триметларки, кои се во секојдневна употреба и корист на граѓаните, кои го собираат ѓубрето и пуштаат вода за обеспрашување на самата подолога, дали е тротоар, улица или булевар.
Направивме акции за позеленување на повеќе површини кои беа ризични во делот на клизишта, поројници и голи ридови, коишто ги оплеменивме со соодветни дрвца.
Најбитната работа којашто мислам дека ја направивме е во делот на превентива од заштита на пожари, со тоа што направивме парцелизација на повеќе витални места. На пример локалитетот Љубаш којшто е белите дробови на Кавадарци. Со помош на механизација направивме парцелизација на самиот локалитет, за во случај да дојде до пожар, имаме пристапни патишта и парцели од помал обем, за да можеме многу полесно да делуваме.
ЦИВИЛ МЕДИА: Од каде ги добивте овие идеи односно планови?
ЈАНЧЕВ: Секојдневно работиме со службите.
ЦИВИЛ МЕДИА: Имате служба која тоа го направила?
ЈАНЧЕВ: Не. Нема класична служба. Во делот на секојдневното работење и во делот на наидување на проблемите на службите на коишто самите укажуваат. На пример, дека немаат пристап на Љубош. Оттука ни дојде идејата дека прво треба да направиме пристап.
ЦИВИЛ МЕДИА: Значи тука, во вашата канцеларија се носат овие идеи.
ЈАНЧЕВ: На некој начин тоа се спонтани идеи кои произлегуваат од секојдневната комуникација со нашите служби и институции.
ЦИВИЛ МЕДИА: Во таа смисла, дали Министерството за животна средина има некаква функција во поддршката на вашите идеи? Каква е вашата релација со Министерството? Што мислите за нивната работа?
ЈАНЧЕВ: Министерството за животна средина треба малку поактивно да работи. Мислам дека треба пред се да се направи насочување кон заштита на тоа што го имаме, а потоа и проширување во делот на самата природа, региони, локалитети и така натаму.
Јас сум секогаш поборник за тоа прво да го заштитиме она што го имаме, а потоа да почнеме да градиме и да го доградиме тоа што треба. Нормално, подобро е ако ги правиме овие работи паралелно, но ако не се трудиме да го заштитиме сегашното или тоа што го имаме, тоа за мене е неприфатливо.
Разговорот го водеше: Џабир Дерала
Обработка на текст и транскрипт: Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска
Фотографија: Маја Ивановска
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
This post is also available in: English