Морачанин: Политичарите имаат пониска еколошка свест од самите граѓани

Пратеничката Маја Морачанин, воедно и новата претседателка на ДОМ, на конференцијата #АкцијаИнтеграција зборуваше за долгогодишните заложби на партијата, како единствена зелена, во контекст на поврзаноста на демократијата, владеењето на правото, социјалната правда, заштита но човековите права со зелените алтернативи и одржлив развој.

Преку презентирање на постигнувањата на партијата низ годините во однос на законодавните мерки, пред сè она што произлегува како предлог на ДОМ, Морачанин наброja некои од достигнувања како пратеничка. Како примери ги посочи формирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата и неформалната интерпартиска група за заштита на Охридскиот регион во соработка со УНЕСКО.

Граѓанскиот активист Гоце Марковски ја праша Морачанин дали чувствува лична одговорност што е на ниско ниво свеста на граѓаните околу европските и зелените вредности и до каде е постапката за Законот за минерални суровини.

„Што се однесува на еколошката свест јас не се согласувам со тој дел од истражувањето преку фокус групите, бидејќи точно знам каква беше пред 10 години, а каде сме сега. Во однос на еколошки теми свесноста беше навистина на многу ниско ниво. Сега имаме сосема поинаква, многу зголемена еколошка свест кај граѓаните… Мислам дека еколошките теми се можеби најважните  и оние што ги мотивирале граѓаните да се здружуваат, да протестираат, да предлагаат решенија… затоа сметам дека во еколошката свест има напредок.. можеби кај политичарите е пониска еколошката свест отколку кај самите граѓани “, одговори Морачанин.

Што се однесува до Законот за минерални суровини, таа истакна дека после многу дискусии законот стигна до крајната процедурална фаза.

„Потребно е уште да се стави на гласање и да се изјаснат сите пратеници. На последната пленарна седница кога беше ставен на дневен ред, едноставно некои од пратениците ја напуштија салата и немаше кворум за да може да се гласа“, изјави Морачанин, надевајќи се дека очекува на наредната седница законот да биде ставен на дневен ред и дека ќе ја добие потребната поддршка.

„Законот е во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето“, рече Морачанин.

Конференцијата #АкцијаИнтеграција за европски вредности, зелени алтернативи и антинационализам ја организираш ЦИВИЛ – Центар за слобода во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.

Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English