Делчев: Исплатата на К-15 е табу-тема и сон на полицајците!

„Најголемиот дел од тужбите против МВР, вработените ги имаат добиено на суд, и со тоа се одлива голем дел од средствата од буџетот. Како резултат на тоа, се загрозија работните места на поединци, подносители на тужбите. Ова претставува јавна тајна , но за истото се зборува многу малку, можеби затоа што сепак, станува збор за полиција. Притисоците отидоа до таму, што дел од вработените службеници се преместувани на работни места за кои не се запознати и им е потребна дополнителна обука или прилагодување кон позицијата“, изјави во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Гоце Тодев Делчев, лидер на Независниот синдикат на полицијата.

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и вашите анализи?

ДЕЛЧЕВ: Независниот синдикат на полицијата долги години ја анализира состојбата која е поврзана со вработените во МВР и во полицијата. Она што ние го имаме како сознание, аналитички го обработуваме во склоп на нашите можности, вршиме анкети - од 2007-та, па сé до денес. Дојдовме до заклучок дека политичките партии, без разлика дали владеачки или опозициски и без разлика на етникумот, воопшто, партиите на политичката сцена во Република Македонија, се потенцијална можност и основ - за дел од граѓаните да влезат во системот на политичко заземање на страни. Морам да потенцирам дека Независниот синдикат на полицијата, опфаќа и полициски службеници од шумската, затворската и судската полиција, како и вработени во агенции за обезбедување од приватниот сектор од Република Македонија.

МВР можеби најмалку е опфатено во делот на политичка злоупотреба на вработените, но доколку ги земеме предвид сите анализи, доаѓаме до наши согледувања и заклучоци дека на крајот на денот, сите сме губитници. Политичарите со години работат за свои лични интереси, што е нормално, за да функционираат онака како што функционираат во Македонија, а целата македонска јавност е веќе запозната со политичката состојба, односно, сите што следат политика веќе знаат што се случува. Она за што останува да ја известиме јавноста е социјалниот аспект на вработените службеници во МВР. Висок процент на вработени службеници, поради разно-разни основи, а најчесто на свое лично барање, од полицијата заминуваат поради незадоволство од платата. Процентуално, нивните примања во однос на останатите административни работници се далеку пониски, а мора да се земе предвид тежината на работата која ја извршуваат. Ова е главна причина за нивното напуштање на работните места, што е комплетно разбирливо. Дел од нив, заминуваат привремено, барајќи работа надвор од државата, а дел и трајно.  Генерално земено, ако го спакуваме одговорот на ова прашање, би било дека политиката го зема данокот на полицијата, односно, дека политичките партии профитираат. Многу квалитетни и чесни службеници во МВР ги напуштаат своите работни места, а безбедносниот сектор во државата ни е секојдневно посиромашен. Мора внимателно и отворено да посочуваме примери и настани, односно, треба да се избегнуваат политички манипулации кои  водат кон губење на работни места на полициски службеници. На тој начин, ќе имаме подобра и постабилна полициска структура во Република Македонија.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ДЕЛЧЕВ: Ќе започнам со вториот дел на прашањето, со ветувањето кое се однесува на вработените во полицијата, особено работниците кои се членови на Независниот синдикат - колективниот договор. Тој претставува подзаконски акт на Законот за работни односи, потпишан од репрезентативниот синдикат на полицијата, односно Македонскиот полициски синдикат. Истиот договор, два пати досега сме го изнеле и оспориле пред Уставен Суд, со цел да вратиме одредени точки од стариот колективен договор, како би избегнале прашања поврзани со прекувремени работни часови и исплата на истите, исплата на патни трошоци, вклучувањето на хранарина и патни трошоци во бруто-платата итн. Сите членови кои се поврзани со Законот за работни односи, конкретно со Законот за полиција и внатрешни работи, како и колективниот договор, се разработени со разно-разни правилници. Сите вработени во полицијата, не само синдикалните работници, мора крајно внимателно да влезат во суштината на нештата поврзани со овие закони и подзаконски акти, што се основа и темел за работење на полициските службеници. Меѓутоа,  ако ги сумираме резултатите кои се однесуваат на социјалната, т.е. паричната исплата на работниците, доаѓаме до поразителни резултати за самите вработени. Исплата на К-15 е дел од планираниот буџет, а самото К-15 претставува табу-тема, сон на вработените дека ќе им биде исплатен по редовен пат. Поради истата причина, се активираат огромен број адвокати, за да се изврши исплатата на К-15 и покрај тоа што е предвиден во буџетот а претставува работнички додаток за регрес на плата на годишно ниво. Тоа што сакам да и го пренесам на јавноста е дека исплатата на К-15 во западниот свет е редовна практика, а кај нас, претставува сон на вработените во МВР.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотреба на прашањата поврзани со социјална правда?

ДЕЛЧЕВ: Малата плата, односно неможноста на вработените во полицијата кои живеат од таа плата, да ги решаваат сопствените финансиски потреби, да издржуваат семејство на достоинствен начин, онака како што им прилега... Последиците веќе ги спомнав, заминување од државата, напуштање на работните места од квалитетен полициски кадар што со години чесно и достоинствено си ја работел својата работа... Покрај недоволниот финансиски надомест, присутен е и притисокот што полициските службеници го чувствуваат на своите работни места, поради покренатите тужби од нивна страна. Најголемиот дел од тужбите, работниците ги имаат добиено на суд, и со тоа се одлива голем дел од паричните средства од буџетот. Како резултат на тоа, се загрозија работните места на поединци, подносители на тужбите. Ова претставува јавна тајна и за истото се зборува многу малку во јавноста, можеби затоа што сепак, станува збор за полиција. Притисоците отидоа до таму, што вработените службеници се преместувани на работни места за кои не се запознати и им е потребна дополнителна обука или прилагодување кон позицијата! Со истиот проблем се соочуваа и службеници кои се пред пензионирање. Истите мораат да се прилагодуваат, затоа што мора на било каков начин да ја заработат платата, односно, да им се изврши исплата, онака како што предвидува законот за полиција.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, од темите од областа на  социјална правда во политички и во изборен контекст?

ДЕЛЧЕВ: Во однос на тоа што треба да направат, одговорот е краток и јасен -
да не остават нас, вработените во одредени институции, да функционираме во рамките на самите институции и преку синдикалните организации кои што веќе функционираат, односно, да може преку истите, слободно да го изразиме она што го чувствуваме како сериозна потреба.

Исто така, да не се дозволи одредени началници или помошници директори да се распределуваат на функционерски позиции. На тој начин вршат сериозен напад врз синдикализмот. Тоа што можам да го забележам во последно време е зголемување на бројот на магистри и доктори на науки кои се занимаваат со темата - Човечки ресурси, и истите покажуваат огромна загриженост за задржување на кадарот во полицијата и воопшто, во безбедносните сфери. Нивниот интерес кон проблематиката е можеби и малку погрешен. Сметаат дека знаат кој и што треба да направи, а ненамерно нанесуваат штета врз работата на Независниот синдикат, преку неговите синдикални организации низ цела Република. Треба да дозволат и нашето видување да биде една темелна основа којашто ќе биде сфатена сериозно, а се однесува на вистинските потреби на работата и функционирањето на МВР. Ние ова го изнесуваме, особено јас, кој цела деценија ја водам оваа структура на луѓе од полицијата, на кои им е потребна сигурност, независност... Мојата политичка определба никогаш не може да биде поставена како приоритет во начинот на решавање на проблемите, само поради тоа што сум Македонец или затоа што сум радикален... Не, напротив. Треба да ѝ се даде можност на социјалната правда во рамките на функционирањето на полицијата, и на работиците кои живеат од сопствениот труд во полицијата, преку синдикалните организации, нивните вистински проблеми да им бидат решени. Со тоа ќе се намали одлевањето на финансиски средства од институциите поради тужбите кои ги поднесуваат незадоволните службеници.

Знаеме дека во минатото никој не одговарал, знаеме и за „големи“ началници кои политички си ги покриваат сопствените работни места и кои што со децении не се поместени од убавите, топли и слатки фотелји, а сето тоа е на штета на работниците кои од друга страна, бараат начин за спас и решавање на нивните проблеми преку напуштање на работната позиција и сопствената држава.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English

Green CIVIL

FREE
VIEW