Во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември, ЦИВИЛ-Центар за слобода разговараше со министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, за сите актуелни теми кои ги допирааат Министерството, а се во контекст на предизборието. Ташевска Ременски, ја извршува функцијата министер на Министерството за труд и социјална политика, согласно со Договорот од Пржино, со обврска да ги спрече изборните манипулации со најранливите категории граѓани, корисници на социјални надоместоци, како и злоупотреби на државни функции и службена должност во партиски цели.
Таа за ЦИВИЛ тврди дека има контрола врз ресорното министерство, но го обвинува нејзиниот заменик, дополнителниот министер, Диме Спасов за интензивни партиски активности во работно време. Посочува дека ги презема сите мерки за да ги спречи изборните злоупотреби и да ги затвори отворените партиски штабови на власта во просториите на Министерството.
Ременски тврди дека бројот на невработени во државата е целосно нереално прикажан,исто како и бројот на корисници на социјална помош. Со цел да се избегнат изборни манипулации со социјално загрозените категории граѓан(к)и најавува дека обвновата на документите ќе се врши во постизборниот период, од 19-ти овој месец, до 27- ми јануари. Министерката е категорична во ставот, дека секаква партиска активност во Министерството ќе биде строго санкционирана.
новинар: Моника Талеска
камера: Дехран Муратов