Синдикат: Дали новата фирма Медиа Принт ДООЕЛ ќе вработува само 'подобни' новинари?

Синдикатот на медиумската компанија, Медиа принт Македонија (МПМ) бара средба со менаџерите, по веста што ја дознале од Агенцијата за вработување, дека новата фирма Медиа Принт ДООЕЛ ќе вработува 55 новинари и уредници.

„Веста ја дознаваме по наши канали, а сопствениците на МПМ испратиле мејл само до уредниците на дневните весници, во кој им кажано дека сите новинари може да испраќаме CV и да конкурираме. Но, ние сме вчудовидени од фактот што МПМ и натаму продолжува да нѐ игнорира. Едноставно, немаме никакви информации кои се намерите на Александар Динев, којшто регистрирал нова фирма Медиа Принт ДООЕЛ на домашна адреса, којашто сега распишала оглас за вработување новинари, на кој наводно, може сите да аплицираме“, вели новинарот Љубиша Станковиќ, претседател на Синдикатот на „Утрински весник“.

Изутринава, сите новинари од дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“ излегле на протест и побарале официјална средба со Срѓан Керим (МПМ) и Александар Динев (Медиа Принт ДООЕЛ).

„Не верувам дека средбата ќе се одржи, но сепак, ние инсистираме на тоа. Ни требаат точни информации. Секако дека ниеден новинар нека да биде спречен, доколку сака да аплицира, но сепак, мора да се знае какви се условите натаму. Или, едноставно, ова е обид на сопствениците на МПМ да направат чистка, да ги повлечат 'подобните', а 'неподобните' да ги тргнат настрана“, изјави Станковиќ, пренесувајќи го ставот на Синдикатот.

На вработените во МПМ сè уште не им е исплатена мартовска плата, хонорарите за јануари, а дописниците се последни на листата за исплата на сработеното, потенцираат вработените во МПМ.

Веста за новите вработувања во фирмата Медиа Принт ДООЕЛ, формирана неодамна, е само продолжение на турбулентните настани во МПМ. Трите дневни весници од оваа компанија некогаш беа синоним за објективно, балансирано и професионално информирање. Влијанието на власта во работата на денешните весници лесно се забележува, иако сè уште, дел од новинарската фела, е гард на некогашното професионално информирање.

Моника Талеска

Green CIVIL

FREE
VIEW