Граѓаните на Општина Богданци на референдум ќе гласаат за работата на рудникот за бакар Казандол. Советот на Општината донесе ваква Одлука на вчерашната седница. Граѓанското здружение „Спас за Богданци“, всушност, ја поднесе оваа Иницијатива до Советот, со цел да се спречи работата на рудникот и дополнителна контаминација на животната средина.
Иницијатавата на „Спас за Богданци“ едногласно е поддржана од сите 11 советници. Во општинскиот Совет СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по 5 советници, а ВМРО-НП еден советник. Сите советници беа за тоа -граѓаните на општината, со глас „за“ или „против“, да одлучат дали ќе работи рудникот за бакар.
Пред една недела, најголем број жители на Општина Гевгелија, исто така на референдум, одлучија да не се отвораат рудници за злато на планината Кожуф. Иако рудниците би отвориле нови работни места, граѓаните сметаат дека последиците од работата на рудниците ќе бидат многукратно поголеми, ќе се контаминира животната средина и екосистемот на планината Кожуф ќе биде целосно уништен со вакви инвестиции.
Претходно и Валандово, беше една од општините од Југоисточниот регион во која имаше иницијатива за граѓан(к)ите на референдум да се изјаснат за отворањето на рудникот во Казандол, но за разлика од Гевгелија, валандовчаните немаа поддршка од локалната самоуправа, зашто општинските власти сметаа дека рудникот сепак, треба да се отвори. Советниците во Општина Валандово со седум гласа „за“ и осум гласа „воздржани“, ја отфрлија иницијативата.