Дуковска: Мора да се искорени системската манипулација со граѓаните!

“Целиот концепт на оперативни мерки за вработување, целата Агенција за вработување на Македонија, всушност, се темели на лажни ветувања за вработување... Фактите говорат дека луѓето се обесхрабрени да аплицираат таму. Во исто време, бележиме и пад на бројката на луѓе што бараат работа и пад на невработеноста, и тој 'круг', во суштина, е игнорирање на потребите на граѓаните. Манипулативното ветување за време на избори, само придонесува за поголема социјална исклученост и за поголемо продлабочување на сиромаштијата“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Билјана Дуковска, претседателка на невладината организација Македонска платформа против сиромаштијата.  

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

ДУКОВСКА: Со самото тоа што во Македонија имаме огромен процент на невработени и лица коишто живеат во сиромаштија, а сé почесто и лица коишто се социјално исклучени, очигледно е дека социјалната правда некаде запира. Можеби не директно, во смисла на кршење на човекови права, меѓутоа, индиректно многу се кршат копјата врз плеќите на сиромашните, социјално исклучени и социјално ранливи групи. Во контекст на политичките избори, тука е најмногу или наједноставно да се направи прекршувањето, затоа што цела машинерија на партиски војници се „спуштаат“ и бараат гласови. Ние не сме фокусирани на политичките избори како таргет, што граѓаните прават или како се однесуваат за време на предизборната кампања, но она што го имаме како информации низ нашите истражувања е - дека тие не се злоупотребуваат директно, но им се пласираат погрешни, лажни информации и неретко се манипулирани таму каде што може системот да заврши работа. Конкретно, субвенциите за енергетска сиромаштија, субвенциите од друг калибар, или пак, социјалната парична помош, се случува да доцнат, па неретко, се пуштаат токму пред изборните кампањи и токму пред изборите, и тоа на луѓето им влева лажна надеж дека работата е на прав пат. Од друга страна, пак, граѓаните сé уште имаат доверба во системот и сé уште го искористуваат своето право на гласање, сé уште дозволуваат политичките партии да им се обратат и кампањите допираат до нив. Меѓутоа, она за што сега сведочиме е дека тие повеќе не кажуваат за кого го даваат својот глас и дали она што им се ветува за избори, реално допира до нив. Злоупотреба е исто така и манипулацијата со информации. Значи, што е она што тие им го кажуваат (кога велам - тие, мислам на политичките партии) и што е она што на луѓето им треба. А, на луѓето им треба сé! Кога се наоѓаат во една позиција на беспомошност, секако бараат зрак надеж и секако се потпираат на тоа што ќе им го кажат. И веруваат дека доаѓа подобар ден по изборите. Така што, злоупотребите од тој аспект, не се нешто што досега не е видено.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ДУКОВСКА: Многу е лесно на граѓани кои што се социјално ризични да им продадете било што. Во последната година сме сведоци како се „продаваат“ информациите за покачувањето на социјалната парична помош. Факт е дека социјалната парична помош се зголеми за пет проценти, потоа за уште десет проценти, меѓутоа, тоа на луѓето во реални пари им донесе po 100-200 денари во семејниот буџет. И тоа не им смени ништо, од аспект на квалитетот на живот што го живеат. Ако земеме дека социјалната парична помош, во моментов, е околу педесеттина евра, не знам дали постои семејство во Македонија коешто може да го истурка месецот само со тие пари, а државата, целата своја надеж за искоренување на сиромаштија, ја темели токму врз овие покачувања од плус пет проценти. Истото се случува и со субвенциите за енергетска сиромаштија. Кога вие на луѓето ќе им зголемите 100 денари во вкупниот буџет, навистина е човек да се запраша - како се дошло до тоа, да се верува дека 100 денари ќе решат проблем во едно семејство. Каде е тука манипулацијата? Да, социјалната помош треба да расте и треба да достигне едно достоинствено ниво. Исто така, потребно е да се зголемуваат субвенциите, како за електрична енергија, така и за други потреби, за поквалитетен живот на граѓаните. Меѓутоа, не вака, во смисла тие да подгреваат големи очекувања кај граѓаните, а во суштина, не им носат ништо. Граѓаните стануваат свесни, во моментот кога врз свој грб ќе ги осетат последиците. Истото се случува и во делот на инфраструктурата. Значи, ќе ви изградиме училишта, или ќе ви изградиме градинка... Тоа се ветувања кои навистина ги отсликуваат потребите на граѓаните и добро е тоа да се прави, меѓутоа, каде е манипулацијата? Манипулацијата е во тоа што се градат објекти, а во објектите нема услови за потребите на граѓаните, бидејќи сите граѓани се различни и сите имаат различни потреби. Во однос на вклучување, во однос на пристап, во однос на сé она што би им обезбедило квалитетен сервис во тие објекти. Кога зборуваме за манипулација, манипулација е исто така, кога велиме дека има бесплатно образование. Да навистина, образованието како такво, не се плаќа, меѓутоа никој не ги прашува луѓето, дали со оние пет проценти на социјална парична помош коишто ги добиле како зголемување, тие можат да ги облечат децата, соодветно да ги нахранат и да ги пратат подготвени на училиште за да учат. Значи, манипулацијата е многу системска и тоа мора да се искорени, за навистина да изградиме систем во којшто граѓаните ќе бидат во фокусот, а работите кои што ќе се прават, ќе бидат за надминување на проблемите со кои тие се соочуваат.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

ДУКОВСКА: Последиците се далекусежни. Целиот концепт на оперативни мерки за вработување, целиот завод, т.е. Агенција за вработување на Македонија, всушност, се темели на лажни ветувања за вработување. Оттука, ако се направат анализи, фактите говорат дека луѓето се обесхрабрени да аплицираат таму. Во исто време, бележиме пад на бројката на луѓе кои што бараат работа и пад на невработеноста, и тој „круг“, во суштина е игнорирање на потребите на граѓаните. Манипулативното ветување за време на избори, само придонесува за поголема социјална исклученост и за поголемо продлабочување на сиромаштијата. Ако веќе не верувате дека може некој да ви помогне и не верувате дека имате каде да се обратите, вие апсолутно ќе ги игнорирате институциите на системот. Ако системот не е подреден на вашите потреби, и ако тој не дојде кај вас дома, вие секако ќе останете надвор, и од системските текови и од она што реално вам ви следува и треба да го остварите во една социјална држава.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјалната правда во политички и изборен котекст?

ДУКОВСКА: Па, за почеток, да почнат да соработуваат меѓу себе. Да не се обидуваат граѓанинот да го привлекуваат само кон себе, зборувајќи лошо за другите. Туку, треба да се направи социјална кохезија во којашто секој од овие кои ги напоменавме, ќе си го  најде своето место и во секој домен, во својата област ќе работи со граѓаните. Она за што Македонската платформа против сиромаштија се залага е фокусот да биде ставен врз граѓаните и нивните потреби. Прво и основно е да се седне граѓанинот и со него да се направи анализа што е тоа што нему му пречи и што е тоа што тој би го направил за да ја реши својата ситуација. А потоа, умните глави ставени на позиции, кои што имаат моќ, да го канализираат тоа и да го прилагодат системот на потребите на граѓанинот. Само така, може да зборуваме за едно функционално решение во кое што ќе имаме социјална правда и социјална држава.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

 

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian English

Green CIVIL

FREE
VIEW