Зелено досие на Велес (трет дел)

ЕД „Вила Зора“ преку проект за маслодајна репка како извлекувач -докажа колку овие растенија фиторемедијатори можат да ги извлечат тешките метали од загадената почва во и околината на градот.

Но најстрашните сознанија уследија потоа кога здружението преку истражувања  направени во еминентни  лаборатории, утврдија дека и по нивната ремедијација со растенија, почвата и понатаму е загадена.

Сето тоа беше последица на понатамошното загадување од депонијата на згура или Црниот рид со тешки метали над Топилницата и запуштените објекти на погоните полни со прашина од тешки метали. Црната прашина  со секој посилен ветер, поради „ружата на ветровите“  и понатаму се разнесуваше и уште се разнесува  директно до домовите на велешани.

Велешките еколози бараат дислокација на згурата од Топилницата за да се сопре загадувањето на почвата и успешно да се реализира  започнатата фиторемедијација

Еколозите од ЕД „Вила Зора“ преку проектот „Да ја заштитиме почвата“ финансиран од УСАИД со деконтаминација на загадената почва во и околината на Велес со засадување на  маслодајна репка како фиторемедијатор  во периодот 2018/2019, а потоа преку  лабораториски анализи на почвата од страна на стручњаци од  ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес утврдиле дека и после деконтаминацијата во почвата   уште е присутно загадувањето со тешки метали.

Тие во јуни 2019,  бараа заедно со земјоделците, eкспертите, невладините организации и надлежните локални и државни институции да се усвои стратегијата за деконтаминација на почва  и истата да се примени во Законот за почви.

Инаку велешките еколози повеќе години наназад  и  претходно со други  проекти заедно со стручњаци од Земјоделскиот факултет од Скопје  се обидуваа со растение фиторемедијатор маслодајна репка да ја фиторемититираат загадената почва ,но процесот е долготраен и скап.

Како што појасни тогаш  Ненад Коциќ од ЕД “Вила Зора“ тоа  се должи на сеуште присутниот 1,8 милион тони црн рид со згура од  тешки метали веднаш до Топилницата, кои и понатаму врши континуирано загадување на почвата во и околу Велес со тешки метали.

Тој посочи дека  најкритично е  во реонот на Башино Село, кај Комплекс УЗУС и Речани. Затоа за решавање на проблемот, потребна е нејзина дислокација на згурата“, појасни Коциќ.

Коциќ  тогаш децидно  најави дека тие ќе прекинат со процесот на фиторемедијација се додека е тука лоцирана згурата со тешки метали од Топилницата.

Тој даде пример како еден земјоделец од Речани на 4 декари целосно ја заменил почвата со нова чиста од друг регион но само после една година и таа била деконтаминирана,а што покажале овие истражување, што според Коциќ се должи на присутниот загадувач ридот од згура од Топилницата.

Коциќ, појасни дека нивна цел  понатаму по дислокацијата на згурата  е со други растенија-фиторемедијатори кои се поотпорни на суша, како на пример,  сончоглед и други поотпорни да се исчисти загадената и потоа на чиста почва да се садат градинарски култури кои најмногу се одгледуваат во овој реон.

Кире Кочов од ЕД „Вила Зора“ во својата презентација тогаш  појасни дека резултатите од истражувањето покажеле дека присуството на тешки метали на почвата по деконтаминацијата со засадена маслодајна репка  на површина од 0 до 20 сантиметри наместо да се намалат се зголемиле за 0,5 пати, а оние на поголеми длабочини од 20 до 40 сантиметри по деконтаминацијата се намалиле се 3,5 пати.

„Тоа е поради тоа што  во горниот слој поради континуиран загадувач сеуште постои загадување на почвата .Кај подолните слоеви, маслодајната репка како фиторемедијатор  ги примила во себе тешките метали  и направила деконтаминација на почвата и намалување на концентрациите“, потенцира Кочов.

Тој  преку табели  ги презентираше фрапантните показатели од фоторемедијацијата на почвата во Велес и велешко со фиторемедијатор - маслодајна репка.

На пример, оловото на површина од почвата  0 до 20 сантиметри пред фиторемедијацијата  била со 201,6 микрограми на килограм или за 2,3 пати над дозволеното, а после фиторемедијацијата се зголемила на 218 микрограми на килограм што е за 2,5 пати повеќе од дозволеното што значи наместо да се намали се зголемија концентрациите на олово во почвата.

Интересно е што на длабочина од 20 до 40 сантиметри  пред фиторемедијацијата во 2018 концентрацијата на олово  била за  2 пати поголема над дозволеното, а во 2019  по фоторемедијацијата  се намалила и била поголема за само 0,9 пати над дозволената граница.

„Кај кадмиумот на длабочина до 20 сантиметри во 2018 концентрацијата била зголемена 0,9 пати а  годинава по завршената фиторемедијација за 13,7 пати.На површина подлабоко во почвата од 20 до 40 сантиметри лани   имало зголемени концентрации на кадмиум  за 9 пати над дозволените,а во 2019  биле помали со тоа што биле  зголемени за 4,5 пати.Тоа  значи дека со фиторемедијацијата во длабочина од 20 до 40 сантиметри  се намалиле концентрациите и на олово и на кадмиум  бидејќи растението ги апсорбирало во себе овие тешки метали и така ја прочистиле почвата“, појасни Кочов.

Како што информира Сашка Коцевска од ЕД „Вила Зора“ нивна цел преку овој проект е едукација и помош на фармерите и институционализација на овој еколошки проблем преку стратешки документ за деконтаминација на почва.

„Крајна цел ни е усвојување на стратегија за деконтаминација на почва од страна на локалните и националните институции и нејзина примена во Законот за почви“, вели Коцевска.

Проф. др Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје и долгогодишен истражувач на загаденоста  на почвите со тешки метали во Велес и  во земјава, на презентацијата  потсети на 10  таканаречени еколошки  жешки точки во земјава, а  меѓу кои после скопски „ОХИС“  на второто место  е  депонијата со згура од тешки метали „Црниот рид“  од велешката Топилница.

Тој потенцира дека загадувањето на Велес во градот и неговата непосредна околина посебно во индустриската зона е огромно и за неколкупати над дозволените таканаречени интервентни вредности според Холандските стандарди. Стафилов  појасни дека тие не можат да се споредуваат со наши стандарди, бидејќи  за жал ги немаме.

„Загадувањето на почвите доведува и до загадување на храната, така  што загадувањето на зеленчукот кој се произведува на тој простор е контаминирано, посебно со кадмиум и олово. Така кај земените примероците од 40 зеленчуци на земјоделски површини  во непосредна близина на Велес, концентрациите на  кадмиумот биле и над  20 пати, а на оловото од два до 10 пати над дозволените интервентни вредности , а на цинкот концентрациите не се ограничени“, појасни проф. Стафилов.

Стафалов алармира  до надлежните за  проблем со почвите во Велес и земјава, а  кои според неговите анализи од теренот  се многу загадени и побара што поскоро освен еколозите да  го решаваат надлежните државни институции.

Борба на екологистите и локалната власт за отстранување на Црниот рид од Топилницата полн со тешки метали

„Кепс Монт Гроуп“ ДОО Скопје, компанијата која ја купи згурата со тешки метали по долги подготовки околу набавка на потребата документација и преговори со локалната власт  во октомври минатата година на прес со новинарите пред згурата, информираат дека првите количества на техногена суровина од депонијата со специјални камиони со кади покриени со специјални церади, каде ќе започнат со извлекување во декември 2019 година.

Црниот рид со згура од тешки метали е  тежок 1,8 милиони тони и висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри, а настанат е  како последица од 30 годишното работење на велешката Топилница.

Од фирмата  тогаш појаснуваа дека веќе започнале со подготвителните работи, а потоа на локација  ќе се  инсталираат сите потребни машини  и опрема  и ќе инсталираат  и подвижната монтажна техничка линија -транспортни ленти по две за утовар и две за истовар на суровината ,покриени со хауба,  а  од која директно ќе се става рудата во затворените специјални камиони.

Ранко Шчекиќ менаџерот на техничкиот персонал на „Кепс Монт Гроуп“ тогаш информираше дека  првично техногената суровина ќе се извлекува со по два камиони на час или 50 - тина  камиони во текот на 24 часа.

Специјалните камиони во наредните 48 месеци, а  можеби и подолго, а  во зависност од динамиката на работите по однос на екологијата во градот,  непрекинато  ќе минат на релација по земјениот пат од   Ридот кај Топилница па по улицата   што води покрај  Општинската зграда кон раскрсницата кај  семафорите, па преку мостот кај  Градскиот базен преку населбата Шорка и Мостот на Вардар кај Башино Село. Оттаму  надолу се’ до Солунското пристаниште од каде потоа ќе се транспортира се’ до Малезија.

„Целиот транспорт на троската од „Црниот рид ќе биде еколошки. Транспортот ќе се врши со камиони од типот „кесон“ со метални кади со покриени специјални хауби, на теретот, а  што дозволува Европскиот стандард за екологија. Исто така и целата експлоатација на минерална суровина од троската  „Црниот рид’ ќе биде еколошка без користење на никакви киселини, адитиви и реагенси, ниту со топење, тука исклучиво со механички третман, а по секое копање на ридот  ќе се прска и со водена заваса, за да се елеминира евентуалната прашина“, појасни Шкеќиќ.

Но тој потенцира дека за да почнат активностите  претходно ќе треба да се отстрани целиот останат отпад до Црниот ридот, како што е комунален индустриски и градежен шут.

Тој се пожали дека на „Црниот рид“ освен еколошки  има  и секаков вид на друг отпад, па и фрлени мрши.

Како што појасни тогаш Љупчо Аврамовски експерт од консултантската куќа „Енвиро ресурс“ кој ја изработи студијата, при ископот на техногената суровина од „Црниот рид“ ќе се врши мерења на ПМ 10 честичките и на оловото 4 сезони 14 дена.

„Во случај мерењата да покажат да има поголеми концентрации на ПМ 10 честички од 10 микро  милиграми суспендирани честички во тој случај, освен оваа водена завеса, ќе се застане со работата и ќе се намали експлоатацијата“, вели Аврамовски.

„По завршувањето на ископот согласно студијата која ја направи консултантската куќата кој работеше на неа, во наредните 12 месеци ќе се изврши ремедијација на земјиштето каде се наоѓа Црниот рид ,а  на длабочина од 300 милиметри, ќе се донесе чиста почва-хумис  и ќе се засади трева, маслодајна репка или други растенија, а на предлог од стручњаци од Земјоделскиот факултет“, информира Аврамовски,

Аврамовски  потенцира дека со ископ и транспорт на минералната суровина од „Црниот рид на велешка Топилница“ ќе се реши првата од  10 те постоечки  жешките еколошки течки во земјава,

Воедно како што  појасни експертот Шчекиќ, ова извлекувањето и   транспортот на троската од „Црниот рид е вистинското решение за спас на велешани. Тој потенцира дека ако како што првично се предлагало тој да се покрие и остане, би довело до катастрофа по населението во овој реон, бидејќи земјиштето е трусно а депонираниот материјал е жив и се лизга надолу, а само на 300 метри подолу е реката Вардар.

„Ова е жив материјал, и ако се покриела депонијата односно „Црниот рид“ кој е жив материјал, ќе се зголемела тангентната сила која сега е 63 % би имало поголем притисок ,а бидејќи Велес е на трусно подрачје при поголем земјотрес целиот терен би се лизнал и однел надолу се’ пред себе се до мостот на Вардар  кај Башино село. Тоа  што би било катастрофа за жителите населени во овој реон“, потенцира Шчекиќ.

„Според направените анализи во ЛЏ лабораторијата во Холандија преку Белградскиот институт и Лабораторијата во Бор Србија, а  во зависност од шаржерот на рудата која се топела и колку таа вешто била стопена во 1.8 милиони тони Црниот рид од Топилницата има 6-9.8 проценти цинк, од 2.2 до 3,4  олово  и железо од 1,25 процети, како и други метали, минимални количества на кадмиум и арсен а сврзани  во таканаречена  „кристална решетка“ со останатите тешки метали, а поради што и нема опасност по околината од овие метали“, појасни експертот Шчекиќ.

Потоа наместо во декември 2019 пробно неколку камиони со згурата од тешки метали од Депонијата на Топилница се извлекоа на 15 јануари годинава. Работите потоа замреа, а  од „Кепс Монт  Гроуп“ тогаш информираа дека имаат  некои поситни административни пречки. На почетокот на годинава Малезија донесе забрана за извоз на ваков. Од „Кепс Монт Гроуп“  уверуваа дека тоа за нив не важи и дека согласно со потпишаниот договор, тие  ќе ја  транспортираат згурата од велешка Топилница  за Малезија.

Но, за жал, тоа не се случи, а  работите замреа на „статус кво“.

Црниот рид со згура од тешки метали уште е на истата локација и сеуште неговата црна прашина со секој посилен ветер секојдневно се разнесува  до домовите не велешани и им го нарушува здравјето.

Велешани имаат најголема еколошка свест и совест

Како што оцени во разговорот за Зелен ЦИВИЛ градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, граѓаните на Велес имаат поголема свест и совест во споредба со останатите граѓани во Република Северна Македонија.

„Тоа е така затоа што Велес со децении беше најцрна еколошка точка. Еден од најзагадените градови во земјава на Балканот па и пошироко во Европа,заради три децениското енормно загадување од Топилницата за олово и цинк.Поради нејзината лоша поставеност заради „ружатана ветровите“ таа беше голема опасност за здравјето на граѓаните“, потенцира Коцевски.

Тој потсети дека уште во тоа време локалната власт заедно со граѓанскиот сектор пред сѐ невладините со еколошки предзнак како ЕД „Вила Зора“ и „Грин Пауер“ и неколкуте здруженија кои се грижеа за здраво поколение и Фондацијата Фокус, на негова иницијатива ја создадоа Зелената Коалиција.

„Со нашите активности се изборивме Топилницата конечно да биде затворена. Тие наши активности во тоа време беа авангардни. Заканите и обидите на загадувачите да не исплашат и поткупат и уценат беа неуспешни, бидејќи нашата волја беше силна без оглед на тоа како таквата одлука ќе се одрази врз изборните циклуси. И јас сум горд на тоа што го правевме“, вели Коцевски.

Коцевски потсети дека во Велес имаше и донаторска меѓународна конференција „Аларм за Велес“ на која ги запознаа и меѓународните донатори за тоа што се случуваше во Велес од загадувањето на  Топилницата.

Тој потсети дека судската постапка влезе во официјална процедура и добиле поддршка за бесплатно застапување на општината, но на крај институциите не знаеле како да постапат со тужбата и целиот процес заврши.

Борбата за здрава животна средина на Велес мора да продолжи

Градоначалникот Аце Коцевски како татко на градот потсети дека Топилницата престана да работи, но дека последиците останаа и затоа  порачува дека  борбата за здрава животна средина за Велес мора да продолжи.

„Таа треба да продолжи и  не смее  да престане. Прво затоа што опасностите од Топилницата иако не работи сеуште се огромни. Депонијата од згура Црниот рид  надвиснат над Топилницата сеуште е секојдневна закана по здравјето на граѓаните на Велес, посебно на децата, затоа што прашинките кои содржат голема концентрација на опасни тешки метали: олово, цинк и кадмиум од ветерот се разнесуваат по градот. Од атмосферските води од врнежите водата навлегува во почвата и ги загадува и почвата и подземните води. Најопасно е тоа што најквалитетното земјоделско земјиште во близина на Башино Село и Речани каде што се одгледуваат земјоделски култури од кои се хранат велешани, но и други граѓани во земјава и странство почвата на длабочина од 40 сантиметри е загадена со огромни количества на тешки метали“, вели Коцевски.

Потсети дека  решението е таа земја да се отстрани и да се замени со здрава земја, а нечистата земја да се пломбира во некои напуштени рудници или со садење на земјоделски растенија како репката или трендафили од почвата  да се извлечат тешките метали, а што сепак  е долг и макотрпен процес за што нема пари ни општината ни државата.

Коцевски најави дека затоа сепак очекува со средства од претпристапните фондови од ЕУ дека тоа  ќе може и  да се реализира. Но  претходно како предуслов  ќе треба да се отстрани Црниот рид од градот кој е една од десетте црни еко точки во земјава, втора по ред по „ОХИС“.

Градоначалникот Коцевски вели дека сега трендовите одат многу подалеку и дека Општината треба да работи на одржливата урбана мобилност која е многу важна за здравата животна средина и природата.

Тоа значи да се намали и количеството на издувни гасови од возилата како и селекцијата-постапувањето со цврстиот комунален отпад, селекцијата и рециклирањето.

„Меѓутоа треба да се оди и уште чекор нанапред и линеарната економија да се замени со таканаречена „кружна“ или циркуларна економија која е многу повисок стадиум на искористување на материјалите и нивно повторно враќање во употреба со цел да имаме висок стадиум  на одржлив развој“, вели Коцевски.

Зеленото досие на Велес не е затворено. Велес и велешани, како и еколошките друштва ги чекаат нови битки со старо-нови проблеми. Глобалната криза со пандемијата Ковид-19 дополнително покажа колку е важна борбата за заштита на природата и здравјето на граѓаните и воведувањето на зелените политики како врвен приоритет.

Антоанела Димитриевска

„Зелено досие на Велес“ – приказна за град во кој животот ви е опасност, до град кој посакува зелена иднина. Зеленото досие се објави во 3 продолженија. 

Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.

 


Зелено досие на Велес (прв дел)

Зелено досие на Велес (втор дел)

Green CIVIL

FREE
VIEW